Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и раководителите на Центрите за развој на планските региони потпишаа договори за реализација на 16 нови инвестициски и иновативни проекти кои што ќе се имплементираат во сите осум плански региони. Вкупната вредност на проектите е еден милион и двесте илјади швајцарски франци. Средствата се обезбедени во рамките на проектот „Оддржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, финансиран од Министерството за локална самоуправа, канцеларијата на вицепремиерот за економски прашања и од швајцарската Влада.

– На нашата држава и е потребен подинамичен развој, но исто толку е важно да се обезбеди рамномерен развој, кој што ќе донесе промени пред вратата на секој граѓанин, со изградба на нов пат, канализација, детска градинка или ново современо училиште, енергетски ефикасни и пристапни јавни објекти, посебна грижа за лицата со попреченост, развивање на потенцијалите за туризам и отворање на нови работни места, отворање на нови перспективи за развој на локалната заедница и на регионот – рече министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.

Министерот Фазлиу истакна дека проектот „Оддржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ е значен и поради можноста преку него да се зајакнуваат капацитетите на Центрите за развој на планските региони.

– Новиот квалитет и додадена вредност е и во инклузивностa на целиот процес, со вклучувањето на граѓаните и на бизнис секторот во изборот на проектите. Најважно е да реализираме проекти кои што ќе решаваат проблеми и ќе имаат директно влијание на квалитетот на живеење на граѓаните – додаде Фазлиу.

Секој плански регион ќе реализира по два проекти кои што имаат директно влијание на подобрување на квалитетот на живеење и промовираат иновативен пристап во обезбедувањето на услугите.

За осумте инвестициски проекти се обезбедени 850 илјади швајцарски франци, а секој плански регион ќе добие грант чии износ е условен од степенот на развиеност. Најмалку развиениот, Североисточниот плански регион ќе добие 145 илјади франци, а најразвиениот, Скопскиот, 60 илјади швајцарски франци.

Вториот грант е наменет за реализација на иновативни проекти. И овие проекти беа идентификувани на партиципативен начин со активно учество на претставниците од невладиниот, образовниот и бизнис секторот. Вкупниот фонд за поддршка на иновативни проекти за 2019 година изнесува 311.841 швајцарски франци, а секој од осумте плански региони ќе добие грант од 39 илјади швајцарски франци за реализација на одбраниот проект.