На терен има зголемување на активностите, особено во делот на нискоградбата / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Експертите стравуваат оти и со сите најавени инвестиции во јавните објекти тешко ќе се надоместат штетите предизвикани од корона-кризата, но сепак истакнуваат дека поради самиот факт што градежништвото со години било двигател на економскиот раст, тоа и сега може да се забрза ако се забрзаат административните процедури

Најави за инвестиции за изградба и реконструкција на јавни објекти

Зголемен обем на градежни активности, особено во делот на нискоградбата, се забележува насекаде низ земјава во изминативе месеци. Покрај инвестициите во главниот град, каде што се обновуваат повеќе улици, реконструктивни зафати се почнати и во внатрешноста во рамките на заедничкиот проект на Министерството за транспорт и врски и на Светската банка за рехабилитација на локални патишта и улици во 80 општини во државата. Вкупната вредност на овој проект изнесува 70 милиони евра, средства обезбедени од Светската банка, а секоја општина, според утврдена методологија одобрена од Светската банка, на располагање ќе добие од 500 илјади до два милиона евра. Наедно поддршка за реализација на поголеми капитални проекти беше ветена и од Европската банка за обнова и развој на средбата со новиот министер за финансии Фатмир Бесими, каде што покрај досегашната поддршка, се разговарало и за поддршка за изградба на автопатот Скопје – Блаце и за делницата Кичево – Гостивар. Министерот Бесими посочи дека од клучно значење е брзо решавање на состојбите со кои се соочуваат институциите во чија надлежност е реализацијата на проектите, со што би се овозможило придвижување на економијата.

– Реализацијата на веќе започнатите проекти ќе биде од големо значење за придвижување на економскиот раст за време на пандемијата и, секако, за подобрување на инфраструктурата, што ќе има позитивен економски ефект и на долг рок – нагласи Бесими и додаде дека со реализација на капиталните проекти се овозможуваат работа за домашни фирми и раст на вработеноста.
Домашните експерти укажуваат дека и самите забележуваат дека на терен има зголемување на активностите, особено во делот на нискоградбата, но наедно посочуваат дека изминатиов период поради изборниот циклус и влијанието на пандемијата многу активности биле стопирани. Сепак, додаваат дека поради самиот факт што градежништвото со години било двигател на економскиот раст, тоа и сега може да се забрза ако се забрзаат и административните процедури.
– Трендот на инвестирање во јавни објекти е засилен, особено активностите во сегментот нискоградба, додека високоградбата не е во фокусот. Можеше да се искористи периодот на паузирање поради пандемијата за реконструкции и зафати и во јавните објекти од високоградба, но тоа не се случи поради изборниот циклус.

Сепак, инфраструктурните проекти со кои се обновуваат или градат нови патишта и автопатишта се на задоволително ниво. Од друга страна, комерцијалните проекти се претежно насочени кон станбените објекти. Поголем таков проект е новиот трговски центар што се гради во Скопје, но другите се претежно во областа на домувањето, и тоа најчесто се проекти на индивидуални инвеститори што ангажираат градежни компании – вели градежникот Никола Велковски.
Тој додава дека со екипирање на новата влада очекува раст на сите градежни активности, односно нивно интензивирање по неколкумесечниот застој наметнат од изборите и здравствените предизвици.
– Имаме нови министри и очекуваме да се зголемат активностите во делот на високоградбата, во доменот на јавните инвестиции, кои овој период беа во застој. Секако, и довршување и продолжување на активностите во нискоградбата – истакнува Велковски.

Сепак, економските експерти укажуваат дека и со целосна реализација на планираните јавни инвестиции не може да се компензира за загубите во економијата што настанаа поради ширењето на вирусот и поради мерките за негово сузбивање.
– Без сомнение, активностите преземени во градежниот сектор се во насока на обиди да заживее економијата и голема е веројатноста да прекине практиката да не се искористат парите предвидени во буџетот за јавни инвестиции. Добри се обидите да заживее економијата преку градежништвото, но во ниеден случај не може активностите во градежништвото и со ограничените средства планирани за јавни инвестиции да се компензираат штетите што се направени поради пандемијата што нѐ зафати и нас и светот.

Сепак, државата презема активности што се во насока на подобрување на економијата. Падот е навистина висок, а може да биде и уште поголем, бидејќи не знаеме што нѐ очекува. Дури и целосно да се реализираат капиталните инвестиции, не може да се компензира за досегашните загуби – истакна поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.