Ширењето на пандемијата на коронавирусот значително се одрази врз економските процеси, од кои голем дел беше попречен целосно, а дел продолжи да функционира, но со намалено темпо поради препораките за заштита и зачувување на здравјето на работниците.
Вистина, градежништвото не е меѓу секторите што беа веднаш погодени или чија дејност беше целосно стопирана, но сепак инволвираните укажуваат дека во изминатиов период активностите се одвивале со намалено темпо поради препораките за заштита на работниците. Така, овие месеци се покажаа како доста корисни за комплетирање и за завршување на веќе започнатите градежни зафати, како доизградба на булевари, асфалтирање и обнова на постојни патни правци или, пак, за реализација на други капитални проекти во земјава.

Токму ваквата состојба го наметнува прашањето дали градежниот сектор би можел да биде двигател на економијата во следниов период, кој е особено клучен за обновата по завршување на здравствената криза. Домашните експерти укажуваат дека реализацијата на капиталните инвестиции е особено значајна и во услови кога нема пандемии, но истакнуваат дека во вакви околности таа е уште позначајна.
– Реализацијата на капиталните инвестиции на државата е неоспорно важна за економскиот раст и за поттикнување на економската активност во услови кога таа е потисната од пандемијата. Она што експертската јавност го говореше за капиталните инвестиции во нормални околности, уште повеќе важи во вакви околности на криза. Меѓутоа, не треба да имаме илузии дека тоа може да биде целосна и полна замена за нормално функционирање на остатокот од економијата – објаснува професорот Марјан Петрески од универзитетот „Американ колеџ“.

Петрески посочува дека затворените фирми, за кои има најава дека пополека ќе се отвораат, намалениот промет поради стегнатата побарувачка и сѐ уште нарушените синџири на снабдување кај извозно ориентираните компании нема да се решат ако се форсира еден сектор, во случајов градежништвото.
– На краток рок не е можно работници од овие погодени сектори да се преквалификуваат и да почнат да работат како градежници. Затоа, интензивирањето на градежните активности на државата е во ред, но напорот да се вратат во нормала другите погодени фирми, а со цел да ги задржат работните места и по извесен, со надеж, краток период, да ги вратат платите на преткризните нивоа, е неопходно да продолжи – објаснува професорот Марјан Петрески од универзитетот „Американ колеџ“.

Претставниците од градежниот сектор при Стопанската комора на Македонија појаснуваат дека појавата на коронавирусот ги промени навиките и пристапот кон работата на градежните компании. Додаваат дека иако градежништвото продолжи да функционира и во услови на вонредна состојба, со издавање дозволи за градежните работници што се ангажирани на тековните градежни објекти, сепак, активностите се со намалено темпо.
– Ангажираните капацитети на градежните компании, и покрај поволните временски услови, се намалени поради доследното почитување на мерките и активностите за превенција од ширење на коронавирусот и свеста дека во моментот најважно е зачувувањето на јавното здравје. Градежните работи на терен се одвиваат дисциплинирано и со задоволително темпо, колку што дозволува актуелната ситуација – велат од СКМ и додаваат дека градежниот сектор отсекогаш бил еден од секторите двигатели на домашната економија.

Според најновите податоци, градежништвото вработува 7,02 отсто од вкупниот број вработени и опфаќа 6,9 проценти од вкупниот број деловни субјекти во државата. Исто така, се проценува дека градежништвото учествува во креирање на 5-7 отсто од бруто-домашниот производ на годишна основа во последните десетина години.
– Имајќи го предвид влијанието на градежништвото врз економијата, очигледно е дека овој сектор има потенцијал да биде движечка сила, а по завршувањето на кризата поради коронавирусот да ги врати нормалните текови и да ја раздвижи економијата. За таа цел, во следниот период е потребно да им се посвети соодветно внимание на планирањето и реализацијата на инвестициите во овој сектор – објаснуваат од Комората.

Од СКМ додаваат дека со оглед на фактот што капиталните инвестиции продолжија да се одвиваат и за време на вонредната состојба, тие имаат долгорочно и повеќекратно значење, бидејќи директно го поттикнуваат ангажманот на градежништвото, кое, пак, со себе повлекува ангажман и на околу 25 други стопански гранки.
– Јавните инвестиции се многу значајни, но не и доволни за развој на градежништвото, поради што, покрај јавните, неопходно е да продолжат и приватните инвестиции и вложувања во изградба на станбени и деловни објекти, фабрики, болници и др. Само заеднички, јавните и приватните вложувања можат да го одржат нивото и да го поттикнат растот на градежништвото, како и да предизвикаат позитивни ефекти врз домашната економија – истакнуваат од Комората.