Со новиот закон за градење, кој е во нацрт-верзија, треба конечно да се третира енергетската ефикасност, да се предвидат проекти за линиската инфраструктура и да се зголемат условите за добивање лиценци за правните лица, бара Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија.

Претседателот на здружението, Андреја Серафимовски, порача дека со измени на регулативата, соработка со надлежните институции и со обединување на градежната фела, ќе може да се реализираат најавените капиталните инвестиции и да се подобрат состојбите во градежништвото, кое годинава ја завршува во најтешка атмосфера во последните 15 години.

– Најавените инвестиции од страна на Владата, со кои се предвидуваат 6 милијарди денари, за наредната година се оптимистички. Цениме дека ова е вистински момент кога комората и целата фела треба да се приклучат за помош на Министерството. Видовме во изминатиот период на кои проблеми наидоа оперативата и градежниците и сметаме дека сето тоа беше врз основа на одлуките што беа носени во минатото, на база на слаба законска регулатива и слаба поддршка. Сега е вистински момент кога Министерството треба да ја обедини целата фела за најавените инвестиции да почнат да се реализираат без проблеми и да се одвиваат како во сите нормални држави, а не како што имавме искуство во претходните проекти – изјави Серафимовски.

Нацрт-законот за градење, појасни тој, во поголем дел има нова концепција, а во помал дел е промена на стариот закон.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, соопшти дека очекуваат сериозно интензивирање на капиталните проекти во патната и на железничката инфраструктура во која во наредната година се планира вложување од над 300 милиони евра.

– Се планира сериозно интензивирање на активностите на автопатот Кичево – Охрид, завршување на проектната документација на автопатот Скопје – Блаце, интензивирање на експресните патишта и на големиот број реконструкции на патиштата. Исто така, во железничката инфраструктура се планира интензивирање на првата делница од пругата кон Бугарија, од Куманово до Бељаковце, тендер за втората делница од Бељаковце до Крива Паланка, како и обезбедување финансии за третата од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир. Завршена е и проектната документација за пругата Кичево – Лин – изјави Сугарески, изразувајќи подготвеност за соработка за реализација на проектите.

Министерот додаде дека се подготвува и ново законско решение за урбанистичко и просторно планирање за кое во голема мера се прифатени сугестиите од комората и во најскоро време ќе влезе во владина, а потоа и во собраниска процедура. Со него, според Сугарески, се прави сериозна реформа во таа област со олеснување на процедурите и постапките во согласност со ветувањата во владината програма. Е.Р.