Градежниците бараат да не се блокираат урбанистичките планови

Стопирањето на ДУП-овите ја доведе во прашање правната сигурност на инвеститорите во градежниот сектор, кои трпат големи финансиски штети. Затоа треба да се донесат нови закони, со кои ќе се овозможи решавање на еден од најголемите проблеми што ги имавме во изминатава година, велат градежниците

Најголемо влијание врз ограничувањето за подобрување на тековната градежна активност имаат зголемените трошоци за материјали, немањето побарувачка, конкуренцијата во сопствениот сектор, недостигот од обучен кадар, како и стопирањето на веќе почнатите процеси за градба. Градежниците велат дека е потребно да се прецизираат точна динамика, понуда и побарувачка во делот за инвестирање во капитални или станбени објекти. Градежниот сектор е главен двигател на економијата во Македонија и основа за економски раст, главно бидејќи секторот е врзан со 26 други индустрии.

Градежната комора на Македонија, Министерството за транспорт и врски на Република Македонија, општината Центар, Стопанската комора на Северозападна Македонија и други релевантни чинители од секторот во Сојузот на стопански комори на Македонија на највисоко ниво, вчера дискутираа за актуелната состојба во градежништвото.
Претседателот на Градежната комора на Македонија, Ивица Јаќимовски, истакна дека само преку конструктивна дебата и редовни состаноци со претставниците на државните институции може да се воспостави квалитетен јавно-приватен дијалог, кој треба да има долгорочни позитивни ефекти врз условите за водење бизнис и севкупниот економски раст.

– Градежната комора на Македонија активно работи на подобрување на состојбата во секторот градежништво и во таа насока соработката со надлежното министерство и општините е од особена важност за детектирање и надминување на предизвиците со кои се соочуваат компаниите. Главното барање на комората е во најбрз рок да се донесат нови закони за урбанистичко планирање и за градење – смета Јаќимовски.
Тој вели дека со донесување на законите ќе се овозможи решавање на еден од најголемите проблеми изминатата година, блокирање на веќе одобрените детални урбанистички планови.

– Стопирањето на ДУП-овите ја доведе во прашање правната сигурност на инвеститорите во градежниот сектор, кои трпат големи финансиски штети – истакна Јаќимовски, додавајќи дека при донесување на деталните урбанистички планови треба особено да се внимава, бидејќи секое стопирање кога веќе почнал процесот на градба значи штета што не може да се надомести.

На состанокот на кој се обрати министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, беше истакнато дека само со заедничка соработка меѓу бизнисот, Владата, Собранието и општините, може да се надминат присутните слабости во овој важен сектор за македонската економија.

Министерот Сугарески верува дека следната година ќе има реализација на најавените проекти во градежништвото, без проблеми. Според него, следната година за капитални проекти се предвидени 418 милиони евра, а реализацијата на планираните градежни инфраструктурни зафати значи раст на домашната економија.

– Веруваме дека следната година без проблеми ќе се реализираат најавените проекти во градежништвото. Токму затоа треба да работиме за да нема застој, поточно да се испочитуваат предвидените законски рокови во градежништвото, кои се од особено значење, бидејќи секој пропуст направен при проектирањето, ќе значи дополнително трошење време и финансиски средства, кои неминовно се одразуваат врз градежниот сектор и економијата во целост – појаснува Јаќимовски.
Раст и стабилност на градежниот сектор значи стабилност и за 26 други стопански гранки директно поврзани со градежништвото.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев истакна дека Владата се обврзува оти забрзано ќе работи на решавање на прашањата за економски развој, за создавање поволна клима за работа, за привлекување нови странски инвестиции и за поддршка на домашните компании.

– Ако се анализираат резултатите оваа година, три од четирите гранки бележат пораст, единствено градежништвото во првиот квартал бележи намалување. Ако градежништвото се врати во нормала, а другите гранки ги задржат проектираните стапки на раст, се исполнуваат сите услови 2019-та да биде економска година. Градежништвото ќе се врати назад, никогаш повеќе патишта во ист момент не биле во изградба. Во моментов петнаесетина странски компании градат свои производствени капацитети, ќе се градат два големи комплекси и сето тоа ќе има импакт на градежништвото до 60 милиони евра месечно, што ќе доведе до раст од 3 до 7 отсто само во градежништвото – истакна Анѓушев.