Проблемот со квалификуван кадар наскоро ќе се почувствува и во земјава Фото: Игор Бансколиев

Од податоците на Државниот завод за статистика може да се забележи значително намалување на вредноста на договорените градежни работи во странство, при што вкупната вредност на договорени градежни работи во странство за периодот од јануари до септември 2018 година во однос на истиот период во 2017 година бележи пад од 40,3 отсто. Во споредбениот период, вкупната вредност на извршени градежни работи, пак, бележи пораст од 6 проценти.

– Има само неколку фирми што сѐ уште работат и надвор од Македонија, но поголемиот дел не успева да добие работа во соседните или, пак, во подалечните земји. Главни причини поради кои градежните компании сѐ помалку работат во странство се високите банкарски гаранции што треба да ги обезбедат, дозволите за работа и други услови. Овие услови компаниите тешко ги исполнуваат најмногу поради фактот што кај нас сега доминираат помали фирми, кои немаат многу финансии на располагање. Од друга страна, голем проблем е што веќе немаме ниту компетентни луѓе што имаат капацитет да истуркаат поголеми или посериозни проекти. Најголем дел од квалификуваниот работен кадар замина во поразвиените земји, немаме веќе мајстори, што им оневозможува на нашите компании да дојдат до работа – вели експертот за градежништвото Никола Велковски.

Тој истакна дека проблемот со квалификуван кадар наскоро ќе се почувствува и во земјава, и градежните компании ќе имаат проблем да вработат мајстори.

Според Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија, намалениот обем на градежни активности на домашните градежни компании во странство се должи и на фактот што најголем дел од нив се одвива во Босна и Херцеговина и тие се завршени или се при крај, а притоа е намален и обемот на договарање нови градежни работи.

– Оваа година очекуваме намалување на извршените градежни работи, со оглед дека изведбата на големите инфраструктурни проекти, кои ги изведуваа нашите компании, заврши минатата година. Очекуваме во иднина зголемување на договорените градежни работи и потпишување нови договори за реализација на градежни проекти во делот на инфраструктурата – велат од здружението.

Оттаму истакнуваат дека компаниите-членки на здружението имаат капацитет за настап на странските пазари.

Истакнуваат дека во делот на инфраструктурата има компании што се докажани во реализацијата на сериозни инфраструктурни проекти во земјите од регионот, но и пошироко, и може самостојно да настапуваат на странските пазари. За поттикнување на градежните активности во странство во следниот период, здружението смета дека е потребно да се разгледаат можностите и да се најдат решенија за соработка со надлежните институции за поддршка на домашните градежни компании што имаат стекнато референци и се афирмирани на домашниот и на меѓународниот пазар за настап и работа во странство.

– Поддршката би можела да се јави во вид на субвенции, при купување опрема, механизација, софтвери и нова технологија, поддршка при здружување македонски фирми за настап на странски пазари, при банкарски гаранции, логистичка и друг вид поддршка од дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија во странство, даночни олеснувања и слично – истакнуваат од СКМ.