Фото: Маја Јаневска-Илиева

Градежниот сектор, и покрај пандемијата, минатата година успеа да забележи раст, што создава впечаток дека би можел да биде двигател на економскиот раст. Какви се предвидувањата и проекции за оваа година

Многубројните проекти во областа на градежништвото, како обнова и изградба на патишта, инвестиции во гасификација и во станбени објекти влеваат надеж дека годинава ќе се зголеми градежната активност во земјава. Градежниот сектор, и покрај пандемијата, минатата година успеа да забележи раст, што создава впечаток дека би можел да биде двигател на економскиот раст.
– Капиталните инвестиции, особено градењето нови патишта или реконструкција на постојните, имаат долгорочен позитивен ефект врз севкупната економија и ги заживуваат компаниите од градежниот сектор, особено подизведувачите што се помали компании и кои немаат капацитети сами да реализираат поголеми проекти. Но за да заживее целосно градежниот сектор, треба да се земаат предвид и приватните инвестиции, и да се одблокираат одлуките за укинување и мораториум на деталните урбанистички планови во општините – велат претставниците на Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ).
Од комората посочуваат дека кога се зборува за капиталните инвестиции, карактеристично за нашата земја е што последните години покажува слаби капацитети за нивната реализација.

– Ние секогаш истакнуваме дека доколку капиталните инвестиции не се реализираат со над 80 отсто од планираните, тогаш тие не се од развоен карактер, не се движиме во посакуваниот правец како економија. СКСЗМ неодамна посочи на проблемот со кој се соочуваат градежните компании. Поради одлуки за укинување и мораториум на детални урбанистички планови, компаниите се спречени во реализација на многу градежни проекти, кои, според првичните процени, би ја надминале вредноста од 500 милиони евра. Сума што би била силна инфузија за економијата и би ги поддржала другите поврзани дејности. Сметаме дека државата може да даде придонес во правец на помагање на економијата, и тоа не мора да значи дека ќе треба да ги поддржи компаниите со субвенции и финансиска поддршка, туку преку олеснувања за инвестиции на секторите што имаат капацитети – дополнуваат од СКСЗМ.
И Народната банка во своите анализи истакнува дека и покрај пандемијата и рестриктивните мерки за сузбивање на вирусот, градежништвото оствари раст.
– Во периодот октомври-ноември 2020 година, во градежниот сектор е забележан релативно висок реален годишен раст од 13,5 отсто, што претставува забрзување на растот во споредба со третиот квартал (раст од три проценти). Притоа, растот во периодот октомври-ноември во целост се должи на растот на активноста во делот на нискоградбата, при реален годишен пад кај високоградбата – објаснуваат од НБРСМ.
Од Стопанската комора на Македонија укажуваат дека капиталните проекти и инвестициите во инфраструктурата носат многу придобивки за државата, граѓаните и економијата, со оглед дека поттикнуваат ангажман на градежништвото и дваесетина други стопански гранки.

– Во следниот период од сопствени средства и од странски кредити се планира изградба и реконструкција на повеќе патишта, меѓу кои изградба на автопатска делница Скопје – Блаце, изградба на автопатска делница Кичево – Гостивар, подобрување на патната инфраструктура на општините преку Проектот за локални патишта, развивање на Коридорот осум, подобрување и изградба на железничката инфраструктура и други. Ангажманот на градежната оператива и реализацијата на планираните проекти ќе зависат од институционалната посветеност и администрирањето на проектите. Покрај конкурентни компании и квалификуван кадар во приватниот сектор, за успешна реализација на капиталните проекти и инвестициите во инфраструктурата од клучна важност се и квалификуваноста на институционалниот кадар и капацитетите на административните служби, кои треба да бидат подготвени да одговорат на предизвикот. Само на тој начин може да очекуваме раздвижување на градежните активности, а со тоа и побрзо закрепнување и раст на македонската економија – истакнуваат од СКМ.
Од СКМ посочуваат дека во сегментот на станбената градба подолго време најатрактивна е високоградбата, а Скопскиот Регион важи за најпримамлив. Додаваат дека има раст на недвижности што се регистрираат во Агенцијата за катастар.
– Според последните податоци од Регистарот на цени и закупнини за третиот квартал од 2020 година, во Агенцијата за катастар на недвижности се издадени 13.505 листа за предбележување на градба. Овие објекти се во фаза на градба и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности. Во третиот квартал на 2020 година се забележува зголемен обем на продажбата на недвижности во однос на истиот период 2019, а истото тоа се однесува и на новоградбите или на продажбите од инвеститор.

Во четвртиот квартал од 2020 година бројот на издадени одобренија за градење во високоградбата бележи раст од 9,1 отсто во однос на истиот период претходната година. Оттука, може да забележиме дека продажбата на недвижности успева да ѝ одолее на кризата и дека може да се очекува ангажман на високоградбата во следниот период. Институциите на државата треба да дејствуваат во насока на натамошно поттикнување на високоградбата и инвестициите во недвижности од страна на приватниот сектор, кои можат да го одржат нивото и да го зголемат ангажманот на градежништвото, а со тоа и ангажманот на преостанатите стопански гранки со кои градежништвото е директно поврзано – нагласуваат од Стопанската комора на Македонија.
Во годинашниот план за работа на Јавното претпријатие за државни патишта се наведени голем број градежни зафати. Се планираат мостови на реките Луда Мара, Бабуна, Пчиња, санација на свлечиште на делницата Крушево – Сладуево, реконструкција на обиколницата на Богданци, реконструкција на делницата Тетово – Џепчиште, потоа Никифорово – Леуново – Бунец…
– Со Проектот за унапредување и развој на патиштата, финансиран од Светска банка, ќе се финансира изградба на експресен пат Ранковце – Крива Паланка. Со Програма за национални патишта, ќе се финансира изградба на експресен пат Штип – Кочани, експресен пат Градско – Прилеп, реконструкција на повеќе државни патишта… – пишува во годишниот план на ЈПДП. Исто така е посочено дека за изградбата на автопат Букојчани – Кичево, како и на автопатот Скопје – Блаце се обезбедени грант-средства од Европска Унија и заем од Европската банка за обнова и развој.

Од СКМ дополнуваат дека минатата годината беше особено тешка од здравствен и економски аспект не само за градежништвото туку и за целиот јавен и приватен сектор. Сепак, истакнуваат дека компаниите доследно ги почитуваат мерките и препораките за справување со коронавирусот и работат со намалени капацитети.
– Годинава очекуваме градежништвото да го задржи и да го зголеми нивото. За остварување на очекувањата испративме порака дека е потребно градежните компании да се посветат на остварување максимална продуктивност со помош на кадровските капацитети и опремата со која располагаат. Државата да им помогне во тоа на начин што ќе ја поттикне побарувачката за македонски градежни производи и ангажманот на македонските градежни капацитети – нагласуваат од СКМ.