Фото: Игор Бансколиев

Од независноста до денес, неоспорен е фактот дека Република Македонија не остварува сериозни стапки на раст. Една од клучните причини за тоа се практикувањата на нецелесообразни фискални и монетарни политики. Тоа, пак, агрегатно негативно се одразува врз стопанството и врз економијата, генерално и посебно, и директно влијае врз нискиот животен стандард, вработувањата, но и врз одливот на стручни кадри. Истовремено, и во контекст на нашите аспирации за членство во ЕУ и во НАТО, сакале тоа да признаеме или не, есенцијалноста за реално исполнување на тие стремежи се радикалните промени на полето на економијата, реструктурирањето и модернизацијата на македонската економија, олеснување на финансирањето… Но како да се постигне тоа? Економски тим од нашиот весник низ споредбени анализи, домашни и меѓународни финансиски и статистички показатели и искуства ќе се обиде да понуди одговор токму на ова прашање

Република Македонија, која се стреми кон остварување на своите стратегиски цели од национален интерес, членството во НАТО и во ЕУ, се судира со пречки што се „услов без кој не се може“ да се влезе во споменатите европски и евроатлантски асоцијации, а тоа е економскиот развој односно стопанскиот раст! Тоа е најсуштественото нешто, битие на прогресот, развојот, одржливоста на државата и на граѓаните како целина, па и на секој поединец. Такво нешто не може да се оствари со хронично низок БДП. За да ја оствари Македонија својата цел, потребна е јака економија. Звучи како флоскула. Но, факт е дека ние низ минатите години направивме многу малку од тој аспект, бидејќи растот со кој се идентификувавме од осамостојувањето беше просечно 2 отсто.

За компатибилно поврзување (и непречен влез) во ЕУ и во НАТО, она што ни е неопходно е многу посилна економија и побогата држава. Секако, прв показател за тоа ќе биде висината на бруто-домашниот производ БДП. Токму преку овој клучен показател, односно БДП јасно ќе направиме слика каде сме ние во споредба со ЕУ и во која насока и какви конкретни зафати треба да се направат за состојбите да се подобрат. Имено, со едноставна споредба на бројките и фактите работите стануваат појасни. Доколку направиме споредба меѓу растот на бруто-домашниот производ по жител меѓу Македонија и Европската Унија, се забележува огромна разлика во нивната висина, што е уште еден доказ дека нашата земја е далеку од достигнување на стандардот на развиените земји. Генерално, ако земеме дека во Македонија е околу 6 илјади евра БДП по жител, иако истиот тој е нешто понизок, и ако просечно во Европската унија БДП по жител е 36 илјади евра, за да го стигнеме тој стандард ќе ни бидат потребни, ни повеќе ни помалку, туку 166 години, но под услов економијата во ЕУ воопшто да не расте (да стои во место).

Ако (хипотетички земено) растот на Македонија би бил 4 отсто, тогаш Македонија би го достигнала нивото на Европската Унија за 125 години, но повторно доколку ЕУ стагнира, односно нема раст!? Но, доколку европските земји продолжат да остваруваат раст на БДП, што секако е очекувано, па макар и тој раст да е само еден процент, Македонија и македонските граѓани нема никогаш да се изедначат со нивниот животен стандард. Што покажуваат овие економски калкулации? Дека на Македонија ѝ се потребни високи стапки на (неверојатен) раст од 6 до 10 проценти и само на тој начин можеме барем малку да се доближиме до стандардот на ЕУ.

Со ваквата теза се согласуваат и мноштво од економските експерти, кои велат дека нашата држава треба да се развива со т.н. кинески, индиски и малезиски стапки, кои се движат од 6 до 10 отсто. За да се оствари тоа, пак, потребно е да се применат радикални промени во монетарната и во фискалната стратегија. Како високиот БДП индуцира, а и понатаму ќе генерира позитивни ефекти? Сериозниот пораст на економскиот раст дава можност за зголемување на буџетот, капитални инвестиции, отворање нови работни места и намалување на невработеноста, технолошки развој на компаниите, социјален импакт што се разликува од простите социјалните трансфери… Она што генерираат состојбите на стагнација или ниските стапки на економскиот раст е одливот на квалитетни кадри, кои мигрираат надвор, тенденција што трае многу долго време, но се интензивира во последниве 15 години. А ставот на денешната младина дека својата перспективата ја гледаат исклучиво во странство, говори за опасноста масовното иселување и понатаму да продолжи.

Абдулменаф Беџети, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, вели дека пред околу две декади, кога растот на БДП бил 3,4 отсто според Народна банка на Македонија, објавил анализа за постигнување на економските услови за зачленување во Европската Унија е потребно да има многу поголем раст на економијата.
– Мојата анализа, во 1998 година, покажа дека во најоптимистичкото сценарио, Македонија треба да расте со 5-6 отсто, а, пак, ЕУ да стои на место и тогаш тоа би се постигнало во 2020 година, додека во најпесимистичката варијанта тоа би се постигнало во 2025 година. Но еве денес сме крајот на 2018 година, и растот на БДП за оваа година е 2,1 отсто и сѐ уште го немаме достигнато европското ниво – објаснува Беџети.

Според него, заради ефектите на мултипликаторите, постои правило на број 70, кој се дели со стапка на раст и се добива бројка (години) за колку се дуплира економијата.
– Така на пример, ако растот на бруто-домашниот производ е 6 отсто, а ЕУ останува на исто место, тогаш за околу 11,5 години би се дуплирала економијата, при што мултипликацијата го забрзува интензитетот секоја година така што веројатно за помалку од 5 декади би се постигнало европското ниво. Но, сепак, ова не е најважно, суштината е како и колку нашата држава може одржливо да расте со стапка од 6 отсто – истакна Беџети.

Тој додава дека потенцијалот на македонската економија покажал капацитет, а раст од околу 6 отсто што не е постигнат никогаш, уште помалку може да биде одржлив.
– Не се потребни стратегии за во рафтови, туку прагматични мерки, започнувајќи од структурните реформи, па до поддршката на секторите и проектите каде што има таков потенцијал како лесната преработувачка индустријата, енергетиката и екологијата, ИКТ-секторот, образованието и здравството, тие би биле најбрзорастечки сектори и проекти откако би се реконструирале институциите, судството, јавната администрација – појаснува Беџети.

Професорот Здравко Савевски посочува дека бројките што често се споменуваат во јавноста, дека на Македонија ѝ е потребен раст на бруто-домашен производ од најмалку 5-6 отсто, со кои по некои 10-20 години ќе успееме да се изедначиме со европските стандарди се веќе застарени.

– Бројките се провлекуваат веќе десетина години, а стандардот ни е сѐ уште далеку од европскиот. Од друга страна, иако се знае дека ни е потребен многу поголем раст на БДП, властите, и претходните и сегашните, не работат на тоа да го остварат овој раст. Нема доволно политички одлуки за да се оствари овој економски раст. Секогаш некои други политики имаат приоритет во Македонија.

Мора да се промени пристапот кон растот на БДП. Ако ни се потребни 5 отсто раст, а ние растеме само со 1-2 отсто, никогаш нема да ги стигнеме Европејците – вели Савевски.

Тој потсетува дека на почетокот на секоја година Владата излегувала со оптимистичко сценарио за раст од околу 3 отсто, за потоа во текот на годината да го намалува и да завршиме со смешни 1-2 отсто, и додава дека проблемот не се надминува, бидејќи граѓаните не притискаат доволно за да расте БДП.

– Мора да бидеме свесни дека растот на БДП не значи и позитивно ефект и врз животниот стандард, туку дури е можно БДП да расте, а граѓаните да осиромашуваат, при нерамномерна распределба. Мора да се знае дека има разлика меѓу економски раст и развој, а БДП означува економски раст, но не и развој. Властите намерно го игнорираат податокот дека економскиот раст не се одразува на животниот стандард, па ако тој расте не значи и подобрување на животот на граѓаните – појаснува Савевски.

Тој нагласи дека за поголем економски развој неопходни се инвестиции во капитални проекти, кои ќе ја поддржуваат економијата, односно ќе бидат мултипликатори на економијата, како што се патиштата, односно инфраструктурата, кои иако се приоритет за властите веќе 20 години, сѐ уште не се завршени – посочува Савевски.

Фото: Дарко Андоновски

Сивата економија го задушува растот

Реалниот раст на БДП треба да го забрза животниот стандард на Македонија и тој да се приближи до оној на земјите-членки на ЕУ.
Македонските граѓани имаат само една четвртина од животниот стандард на граѓаните на Европската Унија. Според Европската банка за обнова и развој, македонската економија ќе треба да обезбеди голем раст за да биде во чекор со државите во ЕУ.
ЕБОР во анализата посочува дека сивата економија и недостигот од финансии го задушуваат растот. Тој треба да изнесува барем 6 отсто годишно за во наредните 50 години да го достигне европското ниво.
– Запирањето или забавувањето на важни инфраструктурни проекти и забавеноста во реализацијата на СДИ се двигатели на отсуство на раст. Ова се ризиците што ќе повлечат надолна ревизија на стапката на раст за цела 2018 година. Владин фокус врз економијата и повторно заживување на растот сега се потребни повеќе од кога било кога. Дополнително ваквата слика покажува дека фокусот мора да биде врз тоа како да креираме нова вредност во економијата, за влез на свежи пари во неа – вели анализата на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Економска рубрика на „Нова Македонија“
(продолжува)