Фото: Игор Бансколиев

Секое поскапување на житарките ќе предизвикува поскапување на брашното и лебот, кондиторските производи, на месото и сувомесните производи, на млекото и млечните производи, маслото за јадење итн. Според упатените во овој сектор, скалестото покачување на сите други производи во оваа ситуација на економска криза може да биде силен удар врз стандардот на граѓаните. Од владата пак, го тврдат спротивното

Граѓаните постојано се соочуваат со нови поскапувања, но најновото зголемување на цената на лебот за околу 20 проценти предизвика најжестоки реакции. Стравувањата се дека ова поскапување на основниот прехранбен производ со себе ќе повлече зголемување на цените и на редица други производи, односно ќе ја активира спиралата на поскапувања. Тоа, секако, негативно ќе се одрази врз и онака кревкиот животен стандард на голем дел од граѓаните. Зголемувањето на глобалните берзански движења на пченицата во август и септември влијаеше врз зголемувањето на цената на лебот во Македонија. Поскапувањето на пченицата и пченката, која мора да се увезува поради лошиот род, а и поскапите горива може да доведат и до поскапување не само на пекарските производи туку и на кондиторските производи.

Последен пат брашното и лебот поскапеа во 2007 и 2011 година поради поскапувањата на житните култури и нафтата на светските берзи. Во Македонија годишно се увезува околу 54.000 тони брашно и 87.000 тони пченица, што е 50 отсто од годишните потреби. Според Тодор Ѓорѓиевски од мелницата „Кадино“, пченицата е берзански производ и, според тоа, колкава ќе биде цената на домашниот пазар во голема мера зависи и од цената на пченицата на светските берзи.
– Цените на глобално ниво се зголемија во август и во септември оваа година, но поради задоцнети реакции на производителите што имаа резерви, тие сега ја зголемија цената на лебот – објаснува Ѓорѓиевски.

Според него, од жетвата до денес цената на пченицата се зголемила за 40 отсто и пекарите што досега работеле со загуба, ја зголемиле цената на лебот.
– Македонија со години има убедливо најниски цени на брашното, лебот и печивата во Европа, па дури и во светот. Но не може да остане имуна на светските движења на цените на берзите, кои кај нас се одразуваат во многу помала форма, поскапување за 3 денари – вели Ѓорѓиевски.

Тој додава дека поскапувањето на пченицата и пченката може да доведе и до евентуално поскапување и на другите прехранбени производи.

– Во кондиторските производи, 50 отсто за широка потрошувачка користат пченка и пченица и се очекува да има покачување на сите други производи. Исто така, во светот има покачување на цената на пивото, така што се очекува да поскапи и пивото во Македонија – истакна Ѓорѓиевски.

Земјоделците велат дека секое енормно поскапување на житарките ќе предизвикува поскапување на брашното и лебот, на месото и сувомесните производи, на млекото, на млечните производи, маслото за јадење.

Според упатените во овој сектор, скалесто покачување на сите други производи во оваа ситуација на економска криза не е добро за целата наша земја, како и за сите потрошувачите, што може да биде страшен удар врз стандардот на граѓаните.
Вељо Тантаров, претседателот на Сојузот на земјоделци во Македонија, вели дека една од причините за зголемувањето на цената на лебот е и огромниот увоз на брашно од Србија, кој го уништува земјоделството, а земјоделците се во голема загуба.

– Зголемувањето на цената на лебот е направено од страна на некои производители и мелничари, а другите допрва ќе ги коригираат цените на лебот, но тоа не смее да е дозволено без да одобри Владата на Македонија. Мора да биде одлука на ниво на држава, а не да се прават корекции кој како сака – напоменува Тантаров.

Со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство не е контактирано во врска со поскапувањето. Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, истакна дека состојбата ќе се следи и, ако дојде до драстично зголемување на цените и на другите видови леб, ќе се интервенира преку Агенцијата за стоковни резерви.

– Како што нѐ известија претставниците од мелничко-пекарската индустрија, ова зголемување е поради порастот на цената на брашното и цената на пченицата, која е берзански производ. Министерството ќе ја следи состојбата и ако дојде до драстично зголемување на цените и на другите видови леб што би влијаело врз поскапување на животниот стандард, ќе се интервенира преку Агенцијата за стоковни резерви, која во екот на жетвата направи јавна набавка на 13.000 тони пченица – нагласи Николовски.

Горан Малишиќ, пак, од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија објаснува дека поскапувањето на лебот е индивидуална одлука на некои мелничари, поради што не се знае дали и други ќе направат таков чекор.

– Одредени фирми, односно пекари, одлучиле да ја зголемат цената за околу 3 денари. Се работи за бел леб, а причината е тоа што од жетвата наваму, цената на пченицата и на брашното е зголемена за околу 40 отсто. Тоа е главниот импакт што не можат да го издржат. Би нагласил дека одлуката на секоја фирма е поединечна, во зависност од нејзината конкурентност, профит и други фактори – појаснува Малишиќ.

Според него, Македонија имаше многу евтин леб, од 13 до 15 денари, но бидејќи сѐ е поскапено, како енергенти, брашно, пченица, затоа и резултира со поскапување на лебот.

Како што вели Љупче Станковски, претседател на земјоделското здружение „Агрофаланга“, во Македонија се произведува малку пченица по хектар површина, но со висок квалитет.

– Како што во Србија не се цени квалитетот, исто така е и кај нас. Повторно тука е крив монополот на мелничарите што ги создава тие услови. Со увозот на странска неквалитетна пченица и брашно, тие ги уценуваат нашите житари и им ја рушат цената на пченицата. Најоштетени од сите, сепак, во овие валкани игри се крајните корисници т.е. граѓаните на Македонија – истакна Станковски.

Никола Аџиев, генерален директор на друштвото за земјоделско производство и трговија „Црвени брегови“ од Неготино, неодамна нагласи дека површините под пченица во Македонија секоја година се намалуваат и ќе се намалуваат како резултат на ниската цена, која оди во надолна линија во последните години.

– Мое мислење е дека подобро државата да нѐ субвенционира со современи трактори и приклучна механизација, со тоа подобро и поквалитетно би ги извршувале агротехничките мерки и би постигнувале поголеми приноси со подобар квалитет, а цената на чинење за килограм пченица значително би ја намалиле и со тоа би биле поконкурентни на пазарот – нагласува Аџиев.

Проблемот со откупот на пченицата веќе со години се провлекува, а производителите неколкупати алармираат на лошата состојба, велејќи дека производството на пченица не е рентабилно со овие откупни цени. Аџиев потврдува дека состојбата е многу лоша и дека секоја година производителите работат со загуба.

Фото: Игор Бансколиев