Со цел да се реши проблемот на лозарите кои имаат предадено винско грозје во винарниците „Повардарие“ и „Стефанс“ во периодот од 2014 до 2016 година, а не се исплатени од страна на Владата, синоќа во организација на Здружението „Лозари“ од Кавадарци се организира средба со лозарите на која присуствуваше и пратеникот Панчо Минов, началникот на Подрачното министерство за земјоделство во Кавдарци Митко Керов и директорот на Државниот инспекторат Индовски.

Најчест проблем зошто досега не им е исплатено грозјето на лозарите е тој кога предаденото грозје гласи на друг член од семејството: татко, сопруг, сопруга, син, ќерка или близок роднина како брат и сестра, а не на носителот на земјоделското стопанство, односно корисникот на субвенци за површина лозов насад.

Има и такви случаи кога сопственикот на лозовиот насад во меѓувреме починал па наследниците, или пак грозјето за винарницата го откупувало правно лице односно трговска фирма. Исто така не се исплатени и лозарите на чии кантарни белешки ја пишува сортата „картошија“ или некои други сорти кои во првичната одлука за исплата на лозарите не биле внесени од страна на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство.

На средбата значаен број лозари и покрај тоа што сè е во ред со нивните документи сè уште не се исплатени. Нивните имиња ќе бидат евидентирани од страна на здружението „Лозари“ за да може да се стави крај на лозарската голгота која трае предолго.

-Целта на средбата е секој лозар кој што го предал грозјето да биде обештетен. Барајќи правна форма предлагам во членовите 14 и 15 од постоечкиот закон да се внесе уште еден услов, а тоа е покрај носителите на земјоделското стопанство да се внесат и други членови кои што се во семејна поврзаност за да може исплатата непречено да се изврши. Тоа е еден од најбрзите начини за решавање на овој проблем со кој треба да бидат опфатени околу 300 лозари- рече пратеникот Панчо Минов.

Што се однесува до 180 тони на грозје од сортата Кратошија предадени во „Стефанс“ винаријатаод инспекторатот информираа дека од вчера се внесени сите сорти грозје откупени од двете винарници и наредниот период лозарите ќе бидат исплатени.

Мирјана Мукаетова