фото: Зоран Антоски

Во претходните две години земјоделците во Македонија никогаш нема да ги заборават 21 и 22 април, деновите кога надворешните температури дебело паднаа под нулата, што придонесе да се направи непоправлива штета на овошките во екот на цветањето, што од друга страна значеше и минимален род, имаше потфрлање на приносите од над осумдесет проценти, а кај некои култури родот беше целосно уништен.

-Сеуште не можеме да ги заборавиме претходните две години кога на истите датуми 21 и 22 април температурите се спуштија на минус 7 степени, што придонесе кај овошките, во екот на цветањето, да се направи огромна штета, незапамтена во последните неколку децении. Така во двете изминати години, по априлските мразеви моравме да се помириме со фактот дека од очекуваниот род нема речиси ништо и наместо да добиеме 4-5 тони јаболка, останавме едвај на стотина килограми, колку за проба, а вложениот труд и трошоците отидоа во неврат. За среќа годинава работите тргнаа на подобро, априлските мразеви изостанаа, овошките се во полн ек на цветањето, прогнозите на метеоролозите се поволни и така по две екстремно сиромашни години, очекуваме далеку побериќетна есен- вели Томе Велкоски овоштар од Кичевско.

Неговите искуства од претходните години ни ги потврди и земјоделец од село Бигор Доленци.

-Проблемите со времето од претходните две години, молевме бога годинава да не се повторат, бидејќи априлските мразеви направија толкава штета, која не можеме да ја поправиме во наредните неколку години. Јас порано од мојот овоштарник собирав богат род сливи од кои потоа добивав првокласна ракија. Но претходните две години од родот не остана ништо, дури и оревите како последица од пролетните мразеви лани и пред лани, нема да имаат род и во наредните неколку години, а некои од студот и се исушија. Годинава со многу поголем оптимизам можеме да го очекуваме претстојниот период, бидејќи овошките се во полн ек на цветањето, времето е пријатно и топло и нема закани од повторување на минатогодишните априлски мразеви. Се надеваме дека повторно ќе имаме доволно ракија, цреши, јаболка и други овошки-додава Драган.

Одгледувачите на пчели а воедно и овоштари, очекуваат проблемите од претходните две години повеќе да не се повторат.

-По двете мизерни сезони годинава можеме да очекуваме и да се надеваме дека ќе имаме многу побогата година. И не само што ќе имаме добра година во овоштарството, туку и во пчеларството очекуваме многу побогата година и повеќе количини на мед од претходните години, кога медните залихи во сандаците не беа доволни ниту за прехрана на самите пчели. Овошките привршуваат со цветањето а со тоа се намалува и опасноста од можни штети од измрзнување. Така е тоа со природата некогаш дава а некогаш ти зема-вели Павле Петкоски, овоштар и пчелар од Кичево.

И граѓаните се задоволни што ќе има добра година и нема како претходните години јаболката, крушите, црешите и другите овошки да бидат толку скапи, поради што, ретко кој од зелениот пазар дома се враќа со поголеми количини.

-На зелениот пазар редовно купувам јаболка цели 50 години, но како претходните две години, скапо, никогаш порано не било. Тоа го направи мразот кој ги измрзна јаболката и тоа што остана јасно беше дека ќе има висока цена и многу повисока од вообичаените. Но како стојат работите годинава, состојбите ќе се подобрат и ќе имаме доволно род и пониски цени на овошјето-вели Перо Тренески.

З.А.