Фото: Маја Јаневска-Илиева

Поради непредвидливоста на ситуацијата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, како и стравувањата од нов посилен бран од септември, економистите прогнозираат дополнителни негативни трендови, како во светската така и во домашната економија

„Германија со најголем пад во поновата историја на државата“, „Американската економија потона за 33 отсто“, „Истoриски пад на францускиот БДП од 13,8 отсто во вториот квартал“, „Австрија во рецесија од историски размери“… Вакви и слични наслови деновиве се објавуваат низ светските и домашните медиуми, а со нив се известува за значителен пад на бруто-домашниот производ кај поголем дел од светските економии, особено во европските земји што беа значително погодени од корона-кризата.

Делумно ваквите извештаи се очекувани, со оглед на мерките што беа преземени за сузбивање на ширењето на панедмијата, но, сепак, падот на некои од најголемите економии за светските економисти и понатаму е енигматичен.

– Сега е официјално. Тоа е рецесија на векот. Тоа што досега беше невозможно да се постигне со остриот пад на цената на акциите или шоковите на нафтените пазари, успеа да го направи нешто со големина од 160 нанометри, наречено корона – кажа германскиот економист Андреас Шурле по информациите на германската статистичка канцеларија дека германската економија во второто тримесечје паднала за рекордни 10,1 отсто во однос на претходното тримесечје.

Во споредба со второто тримесечје од 2019 година, најголемата европска економија падна за 11,7 проценти. Уште поголем е падот на американската економија, каде што и невработеноста е значително порасната. Американската економија во вториот квартал од оваа година се намали за неверојатни 33 проценти, пренесуваат светските медиуми. Бруто-домашниот производ, пак, на еврозоната падна за 14,4 проценти во вториот квартал, соопшти Евростат.

Колку ваквите движења се значајни за понатамошното закрепнување на домашната економија и какви се очекувањата на бизнис-заедницата за надминување на кризата, особено поради поврзаноста на домашната економија со европската и германската економија.

– За позитивни вибрации не можеме да зборуваме, бидејќи глобалната економија секогаш е поврзана со потрошувачката. Гледаме дека има големи намалувања на побарувања на готови производи за широка потрошувачка, но и на ресурсни добра и материјали. Поради ова, дел од нашата економија што е поврзан со глобалната економија не може да бележи поголем раст ниту заживување, бидејќи самите потреби и порачки на глобалната економија се намалени. Сите предвидувања дека економијата ќе се подобри или зголеми може да бидат само од моменталното чувство, бидејќи секоја земја се обидува да ги поттикне сите можни капацитети, како на пример сега со туризмот и со глобалната потрошувачката, или барем со поттикнување на потрошувачката на локално ниво. Но индустријата не живее од ситна потрошувачка туку од глобалните побарувања, поради што нема основа за брзо надминување на кризата – посочува Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија.

Бошков истакнува дека надеж не влева ниту податокот дека берзанските цени на енергетските производи се на најниско ниво и тешко закрепнуваат, поради што посочува дека рецесијата ќе потрае, како на светско ниво, така и кај нас.
– Раст не може да очекуваме, особено ако се има предвид дека пандемијата се шири, не може точно да се предвиди колку заболени ќе има, како ќе се одвива ситуацијата, како да се сузбие истата таа. Ниту СЗО не може точно да предвиди како ќе се движи состојбата, ниту, пак, во нашата земја имавме точни проекции колку заболени ќе има. Сите овие случувања ќе се одразат и врз економијата – истакна Бошков.

Претставниците на Народната банка во последниот извештај на Комитетот за оперативна монетарна политика посочија дека ширењето на ковид-19 во глобални рамки и во домашната економија доведе до негативни ефекти врз деловната активност и влијаеше поизразено врз довербата и очекувањата на фирмите и потрошувачите и во текот на вториот квартал.