Германската влада е подготвена на компаниите да им надомести значителен дел од очекуваниот промет за ноември

Во согласност со пресметки на берлинскиот институт за економски истражувања (ДИВ), новите карантински мерки што во Германија стапија во сила од вчера, ќе ја чинат економијата околу 19,3 милијарди евра. Како ваквите мерки, но и најавите за карантини во други европски земји, ќе се одразат врз домашната економија, според економистите и инволвираните, многу е тешко да се прогнозира

Наспроти прецизните проекции за штетите што ќе се создадат во Германија поради одлуката за нов едномесечен карантин, во Македонија засега нема проекции колкави би биле економските штети, ниту од новите карантини во европските земји, ниту, пак, при евентуална одлука за воведување нови мерки во земјава слични на пролетните рестрикции.
Во согласност со пресметките на берлинскиот институт за економски истражувања (ДИВ), новите карантински мерки што во Германија стапија во сила од вчера, ќе ја чинат економијата околу 19,3 милијарди евра, информира весникот „Велт ем зонтаг“.
За време на едномесечното затворање, според ДИВ, најмногу би можеле да загубат угостителите – околу 5,8 милијарди евра. Забавната индустрија, спортските и културните институции ќе загубат 2,1 милијарди евра, трговијата второто годинашно „заклучување“ ќе ја чини 1,3, а индустријата 5,2 милијарди евра. Загуби се очекуваат и во услужниот и во логистичкиот центар.

Индиректни удари врз македонската економија се сосема извесни

Домашните економисти посочуваат дека сегашните карантински најави во европските земји нема да имаат толку силен ефект врз македонската економија, бидејќи овој пат мерките се насочени кон конкретни индустрии со кои македонските компании немаат голема поврзаност, но не ја исклучуваат можноста од индиректни загуби.
– Со новите рестриктивни мерки се затвораат делови од економијата во Германија и другите европски земји што индиректно може да влијаат врз нашата економија. Поголемиот дел услуги, или извозот и трговската размена што ја правиме, е во други индустрии, како автомобилската индустрија, текстилната, а одреден дел отпаѓа и на прехранбени производи. Затоа не велам дека тоа нема да се одрази, бидејќи кога една индустрија го намалува својот обем на работа, тоа индиректно ќе се одрази и врз другите гранки. Не може да се избегне мултипликативниот ефект, кога се намалува обемот на една индустрија, ќе се почувствува и во другите. Сметам дека домашните компани што соработуваат со Германија или другите држави треба да бидат во постојан контакт со соработниците, да бидат во чекор со тамошните случувања, да ја следат ситуацијата и да ја перципираат. Некогаш може да не се добијат сите податоци, бидејќи и тамошните компании може да не ги знаат сите новини, а мерките може да се менуваат од ден на ден, но поради ова компаниите мора да бидат партиципативни, да ја следат состојбата – вели Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, и додава дека е добро што компаниите или сопствениците можат да прочитаат за оваа тема во „Нова Македонија“, бидејќи ова е период кога мора да бидат добро информирани.

Според најавите од минатата недела, од вчера (2 ноември) во Германија беше најавен нов карантин, со кој се планира затворање на рестораните, баровите, театрите и кината, спортските центри, а се препорачува и да се редуцираат сите патувања, односно да се оди само на неопходните, но се забранува ноќевање во хотелите со туристички цели… Покрај другото, на компаниите им се препорачува да работат од дома, ако е можно тоа, на граѓаните да ги избегнуваат контактите или пак да ги сведат на минимум, се затвораат и базените и сауните, додека спортските настани ќе се играат без публика. Но, сепак, училиштата и градинките остануваат отворени.
ДИВ е убеден дека следната година германската економија ќе почне да закрепнува, но само под услов да има ефикасна контрола врз ширењето на коронавирусот. Германската влада е подготвена на компаниите да им надомести значителен дел од очекуваниот промет за ноември. На помалите компании, во кои има до 50 вработени, државата ќе им надомести 50, а на поголемите 70 отсто од прометот.

Сивата економија ги урива сите прогнози

Како ваквите мерки, но и најавите за карантини и во другите европски земји, ќе се одразат врз домашната економија според економистите и инволвираните е многу тешко да се прогнозира, особено бидејќи засега не се опфатени сектори со кои македонските компании прават голем дел од трговската размена, како што е автомобилскиот.
– Глобално ако гледаме, некои производи имаат дури и зголемена потрошувачка, како што се дезинфекциски средства, па поради тоа не е за очекување фармацевтската и хемиската, па дури ни прехранбената индустрија да доживеат големи загуби… Но за нашата економија е значајно колку ние од тој тип производи произведуваме и колку извезуваме или, пак, увезуваме. Генерално, тешко е да се прават проекции, бидејќи не сите податоци стигнуваат до официјалните институции и, како што знаеме сите, имаме висок степен на учество на сивата економија. Од друга страна, ние како држава и не произведуваме доволно за задоволување на домашните потреби.

Статистиката во другите земји се базира на пореални податоци отколку кај нас, бидејќи тука неказнивоста, недостигот од контрола, комфорноста прават ние да не собираме доволно податоци. Веќе е зборувано дека уделот на сивата економија е доста голем, но точно кои производи и какви производи се опфатени во неа не е доволно познато, иако истата таа има значаен удел, поради што податоците околу вистинскиот пад на БДП или прогнозите за следниов период се многу неблагодарни – истакнува Бошков и додава дека сега е многу значајно со помош на Фондот за иновации или на друг начин компаниите што се во можност да го пренаменат своето производство во производи што сега се бараат на пазарот, бидејќи случувањата упатуваат дека и во следниот период истите тие ќе бидат барани.

Се мерат ефектите од пакетите за справувањето со шоковите

„Нова Македонија“ веќе пишуваше дека изгледите за брзо надминување на оваа здравствено-економска криза се влошуваат, а домашните експерти истакнуваат дека пред нас е тежок период и дека знаци за излез од кризата нема.
Поранешната вицегувернерка на НБРМ, Маја Кадиеска-Воиновиќ, во свое излагање посочи дека здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата на ковид-19 нема да има краткорочен карактер и дека ова е пандемија што би можела да трае и две-три години. Според неа, во економска криза најважна е реакцијата на власта и со кредибилни политики ќе се создадат позитивни ефекти во економијата.
– Важно е како се справуваат креаторите на економските политики со шоковите, истото тоа важеше и за претходните кризи, кога имаше големи проблеми во банкарскиот сектор. Значи, реакцијата на власта и ефектите што ќе произлезат од тие политики се најважни – посочи Кадиеска-Воиновиќ и дополни дека за да се создадат кредибилни политики во земјава, потребно е да има разбирање и отчетност.
Во Македонија, од почетокот на оваа криза беа донесени повеќе пакет мерки за спас на економијата, а притоа истите тие не се разликуваа многу од мерките што ги преземаат повеќето земји.

Фокусот генерално е поставен на зачувување на работните места и на спречување поголем пад на платите.
Првиот сет на мерки беше целен за најпогодените сектори, туризам, угостителство и транспорт. Со вториот сет, Владата го прошири опсегот и одлучи да финансира исплата на минимална плата за работниците што работат во фирми што имаат над 30 отсто намалување на приходите без оглед во кој сектор дејствуваат. Веќе во мај беше донесен и третиот пакет на мерки, главно фокусиран на поддршка на поранливите категории на граѓани, со директна финансиска исплата за луѓето што имаат помали примања од минималната плата во земјата.
Според податоците од Министерството за финансии, досега се исплатени околу 165 милиони евра врз основа на сите мерки, од кои околу 40 милиони евра поддршка за граѓаните и околу 125 милиони евра за фирмите. Но тоа е само дел од планираните средства за овие мерки, кои беа најавувани како поддршка од околу 500 милиони евра.
Последно е најавен четвртиот најобемен сет на мерки, кој би требало да тежи дури 470 милини евра, средства наменети и за стопанството, но и за граѓаните, но истиот тој сѐ уште го чека ребалансот на буџетот во Собранието.