Доаѓањето на германската компанија „Герешајмер“ во Македонија беше објавено од премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на денешната прес-конференција одржана во Владата.

– Договорена е огромна инвестиција, втора по потпишување на протоколот за членство во НАТО, што значи дека инвеститорите ја препознаваат земјата како стабилна и сигурна дестинација – рече Заев.

Инвестицијата на Герешајмер ќе биде во повеќе фази, како што најави Анѓушев, кој напомена дека постои можност за обезбедување на уште странски вложувања во Македонија.

– Чест ни е да ја претставиме инвестицијата што се надеваме дека ќе биде една од многуте годинава. Убедени сме во тоа, бидејќи напорно работиме на создавање на простор за инвестирање. „Герешајмер“ има промет од 1,3 милијарди евра, што е една третина од буџетот на Македонија, со 50 фабрики во 13 држави. Компанијата реши да ги шири производните капацитети во Југоисточна Европа, каде што ова е нивна прва фабрика. Благодарни сме што решија да инвестираат во Северна Македонија, во конкуренција на Србија и на Романија. Инвестицијата ќе биде во повеќе фази, но важно е дека ова е втора компанија што можеме да ја објавиме по потпишувањето на протоколот за НАТО. Во наредните неколку недели очекуваме да објавиме инвестиции од неколку фабрики. Се надевам дека Македонија ќе може да се пофали со 30 фабрики во изградба годинава – истакна Анѓушев.

Компанијата соопшти дека ќе почне со градба на фабриката за медицинска пластика во првата половина на годинава, а производството на пластични системи за фармацевтската индустрија и секторот за медицинска технологија, треба да почне во средината на наредната година. Извршниот директор на „Герешајмер“ се обрати на прес-конференцијата преку видео-порака. 

– Среќни сме што ја најавуваме новата инвестиција. Ќе градиме нова фабрика во Скопје како дел од нашата стратегија за проширување во Европа. Планираме значителни инвестиции во технологија и во машините. Во план е да имаме 400 вработени. А ја цениме и можноста за натамошен развој во иднина. Планираме изработка на производи во фармацевстката и медицинската индустрија. Ја избравме Северна Македонија како идеална локација за проширување на нашето производство. Земјата нуди добра инфраструктура, ниски трошоци и обучен персонал, како и одлична поддршка од властите – порача Дитмар Сиемсен, извршниот директор на „Герешајмер“.