Грант во износ од 2,4 милиони евра ѝ додели Германија на Владата за реализација на енергетска транзиција од традиционалните кон обновливите извори на енергија. Средствата ќе ги користи „Електростопанство на Македонија“ (ЕСМ), а ќе бидат наменети за изработката на студиите за оправданост и на студиите за влијанието врз животната средина за фотоволтаичните електроцентрали во кругот на РЕК „Битола“, за рехабилитацијата на шест големи хидроцентрали, ветерниот парк „Миравци“, модернизацијата и надградбата на комплексот на подружницата „Енергетика“ во Скопје, како и за соларната топлификација од РЕК „Битола“ до општините Битола, Новаци и Могила.
Договорот беше потпишан во Владата од страна на генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, и директорот на КФВ банка за Македонија и Косово, Рене Ешеман, а на чинот на потпишување присуствуваа и премиерот Зоран Заев и германската амбасадорка Анка Холштајн.
Заев посочи дека со потпишувањето на договорот земјава е еден чекор напред во исполнување на поставените цели од Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година и во имплементацијата на зеленото сценарио како најприфатливо за развој на државата.

– Овие средства се обезбедени преку германската банка за развој, која е долгогодишен партнер на нашата земја преку нивните проекти за поддршка на економијата – истакна Заев, додавајќи дека еден од стратегиските приоритети на Владата останува користењето на ОИЕ и замената на јагленот со природен гас.
Германската амбасадорка смета дека земјава е на вистинскиот пат бидејќи, како што посочи, се поддржуваат зелените инвестиции.
– Владата е на вистинскиот пат, таа се бори за странски директни инвестиции за обновливи извори на енергија, но исто така, поддржува и зелени инвестиции во јавниот сектор на ЕСМ – нагласи Холштајн.
Инвестициските проекти во обновливи извори на енергија што ЕСМ планира да ги реализира во следните пет години се во вредност од 500 до 600 милиони евра, од кои дел ќе бидат финансирани од сопствени средства, дел со кредитни линии од европските финансиски институции и дел преку јавно-приватно партнерство.