„Газпром експорт“, фирма-ќерка со стопроцентна сопственост на „Газпром“, планира да го прекине транзитот на гас преку Трансбалканскиот коридор низ Украина во Турција од следната 2020 година. Притоа, Софија има право да поведе правна постапка поради транзитните дивиденди од „Газпром“, кои според договорот, мора да се добиваат до 2030 година. Но тоа ќе се случи само доколку другата цевка на гасоводот „Турски тек“ поради некои причини не помине низ Бугарија.

Имено, бугарскиот оператор за гас „Булгартрансгас“ во јануари има донесено конечна одлука за инвестирање за изградба на нов гасовод од турската граница до границата со Србија, кој ќе добива гас од наведениот гасовод „Турски тек“. Одлуката е донесена по спроведената аукција за закуп на гас од идниот гасовод на бугарската територија, а гасот со стопроцентен сооднос го закупиле од компаниите „Булгартрансгас“ и „Газпром“, кој може и понатаму да располага со нив т.е. да им го продаде на заинтересираните купувачи. Најпрво, тука се мисли на Србија и на Унгарија, но исто така и на некои земји западно од Србија, пред сѐ на Босна и Херцеговина или, пак, само на Република Српска.

„Турски тек“, кој ги поврзува рускиот и турскиот брег преку дното на Црно Море, се всушност две цевки, кои ќе имаат вкупен капацитет од 31,5 милијарда кубни метри гас. Првата цевка, т.е. 15,75 милијарди кубни метри гас, е наменета за испорака на рускиот гас на турскиот пазар, а втората за снабдување на земјите од Јужна и Југоисточна Европа. Овој гасовод се планира да се пушти во употреба до крајот на 2019 година. Во моментов снабдувањето со руски гас за Турција се испорачува преку гасоводот „Син тек“ (исто така на дното на Црно Море) и наведениот Трансбалкански гасовод низ Украина и Бугарија.

„Газпром експорт“ ќе претставува и прв конкретен руски енергетски „удар“ врз Украина, за испораките на руски гас за Европа преку украинската територија, иако многу помал во однос на оној што се очекува дури по истекот на долгорочниот договор со Русија, на 31 декември оваа година. Имено, најголемиот дел од рускиот извоз на гас во ЕУ требало да се одвива низ гасоводот „Северен тек 2“, кој сѐ уште е во фаза на изградба и треба да биде завршен до 2020 година.