Не се очекува раст на цената на електричната енергија, сметаат вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски. По презентацијата на новиот закон за енергетика, тие појаснија дека по отворањето на понудите на тендерот, распишан од универзалниот снабдувач со електрична енергија, новоформираната компанија „ЕВН хоум“, и направените пресметки со други параметри опфатени во процесот, цената за струјата ќе биде формирана в петок.

– Во согласност со процедурите има правила за набавка на електрична енергија што треба да ги применува универзалниот снабдувач. На аукција ЕЛЕМ е обврзан да понуди најмалку 80 отсто од потребите на домаќинствата и малите потрошувачи. Најголемо влијание врз формирањето на крајната цена ќе има понудата на ЕЛЕМ – појасни Бислимоски.

Тој посочи дека РКЕ повеќе не ја определува цената на ЕЛЕМ, а влијанието врз крајната цена од тоа што ќе го понуди ЕЛЕМ е најголемо и изнесува 50 проценти.

– Состојбата во ЕЛЕМ е одлична, имаме драстично намалување на трошоците во рудниците и не верувам дека цената ќе биде над 39,6 евра за мегават-час. Влијание на цената ќе има и трошокот за откуп, кој го има универзалниот снабдувач од повластени производители на електрична енергија – додаде Бислимоски.

Говорејќи за придобивките од новиот закон за енергетика, кој ќе почне да се применува од 1 јули годинава, вицепремиерот Анѓушев нагласи дека последните две години цената на струјата е стабилна и оти со воведувањето на евтината тарифа во првата година останале осум, а оваа 11 милиони евра кај граѓаните. Е.Р.