Фото: Маја Јаневска-Илиева

Образованието што е нефлексибилно кон потребите на бизнисот, неправилната уписна политика во средните училишта и факултетите, недостигот од практикантство и обуки, но и слабиот интерес на работодавците да влијаат учествувајќи во креирање на наставните програми за да се продуцира соодветен кадар, се главните фактори за неусогласеноста меѓу понудата и побарувачката на пазарот на трудот сите овие години. Проблемот дополнително го усложнуваат миграциите и одливот на млади од државата, објаснуваат експертите

ОПАСНО СЕ ЗГОЛЕМУВА ПОВЕЌЕГОДИШНИОТ РАСЧЕКОР ПОМЕЃУ ПОБАРУВАЧКАТА И ПОНУДАТА НА РАБОТНА СИЛА

Пазарот на трудот веќе со години се соочува со низа тешкотии, како несовпаѓања и јазови во понудата и побарувачката во однос на квалификациите, нивото и видот на образованието, очекуваната и понудената плата на работниците, што доведува до недоволна искористеност на човечките ресурси, поради што, во прв ред, изостанува растот на економијата, а настануваат и многу други, пред сѐ социјални проблеми.
Но дека нештата не чинат ниту во националната стратегија, потврдуваат од Светската банка (СБ), од каде што велат дека кај компаниите во нашата држава имаат различен степен на продуктивност, поради што се препорачува пренасочување на ресурсите во попродуктивни активности. Фирмите треба да ги зголемат менаџерските и организациските капацитети и да се фокусираат на усвојување нови технологии. Според СБ, работниците што си одат од државата за да работат во друга земја таму се попродуктивни отколку во Македонија, а вештините што ги поседуваат се истите што можат да се искористат и во земјава.
Економистите на тоа одговараат оти мора да се направат анализи за потребите од профили на кадри на пазарот на трудот, реализација на практикантска обука, вклучување на бизнис-заедницата во процесите на осовременување на студиските програми и креирање нови студиски програми во согласност со потребите на пазарот на трудот, како и во развој на форми на доквалификација и преквалификација за потребите на бизнис-секторот.

Од Владата најавуваат зајакнување на пристапот до активните политики

Министерот за финансии Фатмир Бесими неодамна истакна дека не може да се удвои економскиот раст доколку човечките ресурси не им одговорат на барањата на пазарот на трудот.
– Ќе мора да се зајакне пристапот до активните политики за пазарот на трудот, особено за нискоквалификувани невработени лица и лица од ранливите категории. Наедно ќе се развие и нова формула за финансирање на системот за стручно и за високо образование, со акцент на функционирањето на регионалните центри за стручно образование – посочи Бесими.
Тој оцени дека реформите содржани во Програмата за економски реформи ќе придонесуваат за зголемување на конкурентноста на економијата, забрзување на економскиот раст и зголемување на потенцијалот за раст, работни места и намалување на невработеноста.
Според универзитетската професорка Никица Мојсоска-Блажевски, работодавците не можат да најдат соодветен кадар, велејќи дека оттука и потекнува прашањето колку треба да се инвестира во високото образование, а колку во квалитетно средно образование.
– Многу е мал бројот на завршени студенти што нашле работа што одговара на нивното образование и вештини. Голем проблем е и тоа што на пазарот на трудот доминантно се користат неформални канали за барање работници, со препораки, а не преку кариерни центри. Наедно, образованието што е нефлексибилно кон потребите на бизнисот, неправилната уписна политика во средните училишта и факултетите, недостигот од практикантство и обуки, но и слабиот интерес на работодавците да влијаат учествувајќи во креирање на наставните програми за да се продуцира соодветен кадар, се главните фактори за неусогласеноста меѓу понудата и побарувачката на пазарот на трудот сите овие години. Проблемот дополнително го усложнуваат миграциите и одливот на млади од државата – истакнува Мојсоска-Блажевски.

Поради слабиот човечки потенцијал, земјава не е интересна за поголеми странски инвестиции

Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, вели дека без соодветни човечки ресурси нема шанса за повисок економски раст.
– Проблемот е во големиот расчекор на потребите од квалификуван кадар и понудата на пазарот на трудот. Со години се укажува дека младите ги одбегнуваат стручните занимања и најголемиот број избираат општествени науки и продолжуваат на факултет. Во основното образование немаме никакво кариерно насочување и голем број завршени основци без никакви критериуми се запишуваат каде што ќе им текне во тој момент – објаснува Димитров.
Според него, поради слабите човечки потенцијали, нашата држава не е интересна за поголеми странски инвеститори, бидејќи не можеме да им понудиме доволно голем број на висококвалификувани работници и инженери со доволно ниво на знаење, затоа реформите во образованието се неопходни за овој процес да се запре и да се усогласат потребите и понудата на пазарот на трудот.

Дали решението е во стипендирањето на учениците

Како што вели економскиот аналитичар Здравко Савески, неискористеноста на човечки ресурси што ќе одговараат на барањата на пазарот на трудот веќе има негативно влијание врз состојбата на економијата и со зголемениот одлив во странство што може да се очекува во иднина, тоа ќе биде уште посериозен проблем.
– Државата може да го адресира тој проблем преку обезбедување стипендии за учениците. Исто така, компаниите треба да се вклучат и со обезбедување стипендии и со нудење работни места по завршувањето на образованието – смета Савески.

Компаниите чекаат државата да им ги реши проблемите

Стопанската комора на Македонија истакна дека нивните анализи покажуваат дека 63 отсто од компаниите се соочуваат со недостиг од стручен кадар, кој веднаш би влегол во работните процеси, но најчесто како проблем ги сметаат уписната политика и неусогласеноста на потребите од квалификации и од она што се нуди низ призмата на образованието.
– Не треба да се чека на државата, туку компаниите сами да го организираат и финансираат образованието на кадри какви што им требаат. Неопходно е образовните програми да ги следат потребите на пазарот на трудот, а стопанството да дава сугестии за креирање образовни програми. Најважно е да се обезбеди одржливо финансирање на стручното образование. Ни се случува нереална уписна политика што не ги следи потребите за образование. Треба да го свртиме фокусот врз нас, бизнис-заедницата. Ако има потреба некој работодавач, тие се толку моќни што можат сами да отворат паралелки, сами да финансираат и така да го направат процесот поинаков. Реализацијата на практичната обука е многу важна за компаниите, бидејќи тие се свесни дека сами мораат да го обликуваат стручниот кадар што подоцна ќе можат да го вработуваат – велат од комората.
Оттаму додаваат дека најважно од сѐ е да се зголеми и буџетот за образованието од 3,5 на 5 отсто за да се доближиме до европскиот буџет, односно процентот што го предвидува ОЕЦД.
Министерката за образование и наука Мила Царовска потенцира дека со дуалното образование е обезбеден бараниот кадар од компаниите, но и дека е зголемена можноста за вработување на младите.
– Ја постигнавме целта целосно да ги вклучиме компаниите во процесот на стручно образование на средношколците, затоа што само така тие не само што ќе ја научат работата туку и ќе го чувствуваат нејзиниот ритам во реална средина, во самите компании. Во првата фаза, низ интензивен дијалог со локалните самоуправи, училиштата и бизнис-заедницата ги утврдиме потребите од отворање одредени профили и паралелки во секоја од општините и заинтересираноста на компаниите да ги отворат вратите за практикантите. Во втората фаза, во средните стручни училишта низ државата направивме промоција на придобивките и можностите што ги нуди средното стручно образование за младите, за брзо вработување или за продолжување во високото образование – посочи Царовска.
Како што истакна таа, токму како резултат на овој дијалог на ниво на држава се оформија 97 паралелки во 46 средни училишта, кои заедно со над 200 компании од есен ќе спроведуваат концепт на дуално образование, а компаниите беа наведени во конкурсот за запишување во средните училишта.
– Министерството за образование и наука реализира и целосно нова политика на стипендирање за новата учебна година. Предвидени се 2.000 стипендии во вредност од 3.500 денари на месечно ниво за девет месеци во годината за сите што ќе се запишат во дуална паралелка. Ова е одличен мотив за средношколците додека учат истовремено да имаат и приход – спомена Царовска.