Фото: Маја Јаневска-Илиева

Граѓаните да бидат поттикнувани, а државните институции обврзувани да користат домашни продукти и услуги и да се стимулира градежна офанзива, се некои од мерките што, според експертите, би можеле да се преземат во насока на подобрување на положбата на домашните компании во новонастанатата состојба наметната од ширењето на коронавирусот.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, во една од своите редовни колумни, деновиве посочи дека до нив секојдневно пристигнуваат нови предлози за наминување на корона-кризата. Притоа Азески посочи дека сите тие сериозно се разгледуваат, а како една од мерките на која обрна особено внимание е и можноста да се побара за време на вонредната состојба и траењето на кризата, државните органи да се снабдуваат и да користат услуги само од македонски компании.

– Идејата е на текстилната индустрија, на пример, да ѝ се овозможи да произведува униформи и ХТЗ-опрема за војската, полицијата, здравството… Се разгледува и можноста за поддршка на градежништвото, на начин што е познат рецепт во вакви услови, а тоа е отворање инвестициска активност, која ќе биде финансирана од државата, по принцип плаќањето да се врши дел од буџетски средства и дел со државни обврзници – пишува Азески.

Претседател на Организација на работодавците на Македонија, Ангел Димитров, посочува дека во нормална ситуација владеат пазарните законитости и при набавката купувачите, било да станува збор за компании или пак за граѓаните како потрошувачи, се водат од критериумите пониска цена и подобар квалитет.
– Но денес не зборуваме за нормална ситуација ниту во производството ниту во потрошувачката. Затоа, ако ги гледаме нашите интереси како држава, компании и граѓани на Македонија, тогаш ваквиот патриотизам ни е неопходен. Затоа што економијата е многу поврзана и затворањето на една производствена компанија значи немање плата за вработените во таа компанија, тие не можат да купат стоки за широка потрошувачка, кои ги произведуваат други компании, се намалуваат приливите во буџетот по основа на даноци, придонеси, царини, такси итн. и започнува целата држава економски да пропаѓа. Затоа и државните компании и приватните компании и граѓаните треба да претпочитаат да купуваат домашни производи и на тој начин да помогнат во спасот на домашната економија, а без економија нема држава – објаснува Димитров.

Тој појаснува дека истиот принцип може да се примени и да се однесува на ангажирање на домашните градежни компании и нагласува дека истите тие во минатото беа повеќе ангажирани како подизведувачи на странските изведувачи на објекти, кои ги финансираше нашата влада.
– Се разбира дека сите компании и секоја дејност нема да може да се насочи кон производство наменето за домашниот пазар. Таква е текстилната индустрија, поточно, индустријата за производство на облека, која повеќе од 90 отсто од производството го пласира на странските пазари. Ова поради фактот што ние имаме предимензионирано текстилно производство, кое многукратно ги надминува потребите на домашниот пазар. Можеби некоја наша конфекција ќе може да произведува работна и заштитна облека за домашните фирми, војска, полиција, болници, но мислам дека тоа ќе биде мал процент во однос на вкупно инсталираните текстилни капацитети во земјава – појаснува Димитров.

Претседателот на ОРМ дополнува дека во производството на храна, состојбата е сосема поразлична, и објаснува дека и покрај големите субвенции во земјоделството, ние сме голем увозник на храна, така што во земјава се увезува околу 60 проценти од потребите.
– Ние дури увезуваме прехранбени артикли од кои имаме доволно домашно производство, па и извезуваме. Таков е примерот со сувомесните производи и овде големо влијание има царинската политика, затоа што увезуваме готови сувомесни производи без царина, а нашите преработувачи плаќаат царина на увезеното месо што го користат за производство на сувомесни производи. Затоа во овој момент најмногу можеме да помогнеме со купување прехранбени продукти произведени од нашите производители, а она што не го произведуваме, секако, е потребно да го увеземе – дополнува Димитров.

Тој наедно потсетува дека Македонија како мала држава мора својот развој да го темели на увоз и на извоз со другите држави, бидејќи постојат артикли што опфаќаат голем дел од увозот, а кои не можат да се произведуваат во земјава, како на пример нафта, електрична енергија и разни високософистицирани производи.
– Поради овие причини, мораме да извезуваме фероникел, тутун, текстил за да имаме доволно девизи за кои ќе ги увеземе овие производи без кои државата не може да функционира. Има дејности каде што треба да го зголемиме домашното производство како што е храната, производството на електрична енергија и разни производи од преработувачката индустрија, но мораме да го одржиме и извозот за да можеме да обезбедиме девизи неопходни за функционирање на државата. Мерките за економска помош мора да бидат добро димензионирани и да се разликуваат од дејност до дејност, затоа што проблемите се различни и ризиците по опстанокот на компаниите се различни – заклучува Димитров.