Експертите веќе прават анализи за тоа како ќе се одрази запирањето на работата во постпандемискиот период и се бараат решенија со кои би се избегнале длабока рецесија и големо осиромашување на луѓето. Токму во ваква ситуација се потврдува фактот дека земјава изминатите 30 години не инвестираше доволно во инфраструктурни проекти, поради што закрепнувањето ќе оди исклучително тешко

Корона-кризата ги наметна како приоритет стратегиските економски прашања за Македонија

Во екот на корона-кризата најпогодени се здравствениот систем и економијата на земјава, а загубите во сите сектори од ден на ден сè повеќе се таложат, така што Светската банка предвидува дека Македонија ќе мора многу да се задолжи за да одржи некакво ниво на економијата во периодот по завршувањето на пандемијата.
Експертите веќе прават анализи за тоа како ќе се одрази запирањето на работата во постпандемискиот период и се бараат решенија со кои би се избегнале длабока рецесија и големо осиромашување на луѓето.

Токму во ваква ситуација се потврдува фактот дека земјава изминатите 30 години не инвестираше доволно во инфраструктурни проекти, поради што закрепнувањето ќе оди исклучително тешко што, секако, ќе се одрази врз македонските компании.
Во Македонија се доцни со гасификацијата, железничкиот транспорт е во очајна состојба, државната администрација е кабеста, партизирана и неефикасна, така што сите овие работи сега испливуваат на површина и директно ќе влијаат врз цената што ќе ја плати македонската економија.

Првиот човек на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески вели дека сега е моментот за решавање на стратегиските прашања, кои стојат нерешени со години.
– Тоа е прашањето за активирање на гасоводот, која е многу г олема инвестиција што стои 10 години. Знаете дека 206 километри изграден нафтовод по сите стандарди што е во топ состојба да профункционира веднаш, би се намалила и цената на транспортот – вели Азески.
Тој како втора работа ја посочува состојбата на железницата во Македонија.
– Транспортот на стока со железница е двојно поскап од камионскиот превоз, тоа го нема никаде во светот. Треба да се направи нешто на планот на либерализацијата на железницата за да се поттикне тој процес, со што ќе им се олесни на македонските компании да станат поконкурентни – нагласува Азески.

Според него, треба да се реши и проблемот со парафискалните давачки, како и прашањето за одредени манипулации што се прават во државата со години.
– Нам ни требаат многу пари, ни треба промена во менталитетот, ни треба многу напор за да можеме да ја решиме оваа ситуација – порача Азески.
И универзитетскиот професор и поранешен министер на финансии, Никола Поповски, вели дека Владата доцни со преземање многу мерки и креирање економски политики.
– Треба контроли на поголем број индикатори што ќе се случуваат во економијата. Навистина недостига повисокото ниво на макроекономско управување со економијата, со сите овие аспекти што можат да ѝ зададат силен удар, затоа што тие удари можат да бидат многу големи – рече Поповски.

Тој додаде дека Владата мора да размислува и во правец на поставување на целокупната економска политика во насока на нејзино обновување по кризата.
– На пример, јас не мислам дека ние ќе поминеме со иста невработеност како и досега… Ќе изгубиме и ние, што значи дека е можно да ни се врати невработеноста над 20 отсто, а обновата на економијата во периодот по ковид-19 да биде многу бавна – истакнува Поповски.
Во таа насока пораките на експертската јавност се многу јасни дека токму сега е време за суштинска акција на планот на економијата.