СТАВ

Во наредниот период земјата мора да се насочи кон развојот на реалната економија, да се врати на моделот на индустриско стопанство, со пристап што подразбира динамичен раст на инвестициите, раст на обемот на индустриското производство и на продуктивноста, но и да се одговори на предизвиците на модерното време за роботизација, дигитализација и за компјутеризација

Бранко Азески

Веројатно сите слушнале за примерот на азиските тигри – четирите источноазиски држави (Хонгконг, Сингапур, Јужна Кореја и Тајван), кои забележаа импозантен економски раст во втората половина на минатиот век.
Но, веројатно малкумина знаат дека овие држави клучот на својот импозантен успех (континуирана стапка на раст над 7 отсто во периодот помеѓу 1960-тите и 1990-тите години) го базираа на извозно ориентирана индустријализација. Впрочем, една од најстарите економски теории е таа дека преработувачката индустрија има клучна улога во остварување долгорочен економски раст – а примерот на азиските тигри ја докажа таа теорија на дело.

Што ни се случи во македонската економија во изминатите децении? Ако треба да се објасни со еден збор – тоа би бил деиндустријализација. Бројките неоспорно го говорат тоа – учеството на бруто-додадената вредност на реалниот сектор во формирањето на БДП од над 27 отсто во 1990 година, се намали на 17,3 отсто во 2000 година, за дополнително да се намали на 12,9 отсто во 2016 година. Сето ова придонесе македонското индустриско производство денес да не достигнува ни 65 отсто од оствареното индустриско производство во 1990 година. Дополнително, бројот на производи што земјата ги извезува со компаративни предности се намали од 675 производи во 1996 година на 461 производ во 2016 година, а притоа најчесто станува збор за производи со низок степен на додадена вредност и мошне ниска продуктивност.

Затоа, реиндустријализацијата мора да биде поставена како приоритет на развојната политика на државата. Сега, кога процедурата со одржувањето на референдумот е завршена, време е сериозно да им се посветиме на економските реформи.
Во однос на македонскиот модел, во наредниот период земјата мора да се насочи кон развојот на реалната економија, да се врати на моделот на индустриско стопанство, со пристап што подразбира динамичен раст на инвестициите, раст на обемот на индустриското производство и на продуктивноста, но и да се одговори на предизвиците на модерното време за роботизација, дигитализација и за компјутеризација.

Само економија што има индустриска и извозна структура примарно базирана на производи, кои се карактеризираат со поголема комплексност и ниво на софистицираност, има капацитет да генерира високи стапки на раст – а време е Македонија да стане таква земја!

П.С. Првата можност да отвориме широка дискусија за предизвиците на процесите на извозната диверзификација и модерна реиндустријализација и за конкретните решенија што ќе ни донесат повисоки стапки на раст ќе биде уште утре – во текот на следните два дена Стопанската комора на Македонија ќе биде коорганизатор на научната конференција „Идни предизвици на економскиот развој и економските политики на Република Македонија“, која ја организира Македонската академија на науките и уметностите, во соработка со Владата на Република Македонија и Народната банка на Република Македонија.

(Авторот е претседател на Стопанската комора на Македонија)