Бранко Азески,

претседател на Стопанска комора на Македонија

 

Го живееме веќе осмиот месец во овие вонредни околности. Состојба од размери какви не се видени досега, на глобално ниво. Неизвесноста за бизнисот е можеби најголемиот непријател – водењето бизнис се заснова на планирање и предвидливост, секојдневни контакти и брза циркулација на информации, слободно движење и глобална поврзаност… излишно е да коментирам колку сето ова се смени последниве неколку месеци.
Првичните анализи на водечките меѓународни институции пролетта говореа и за „оптимистичко“ сценарио, кое вклучуваше очекувања за совладување на заразата и враќање на економските активности во нормалните текови во последниот квартал од годинава – во моментов, повеќе од неспорно е дека тоа не е возможно. Во ситуација кога дневниот број на новозаразени лица во светот надминува 400.000 (само како за споредба, вкупниот број на заразени лица во светски рамки достигна 400.000 дури на крајот на март 2020 година, односно три ипол месеци по појавата на првите случаи, и речиси две недели по прогласувањето на пандемијата од страна на СЗО), на сите ни е јасно дека ова нема да заврши утре – впрочем, веројатно месеците пред нас ќе бидат уште потешки од оние што ги поминавме досега оваа година.
Затоа, сакам да споделам со Вас, почитувани стопанственици од членките на Комората, неколку прашањата што се резултат на анализите на Стручната служба на Комората, по сектори и дејности, но и на консултации со водечки економски аналитичари и експерти, светски консултантски куќи, но и македонски истакнати претставници во водечките светски институции, во обид за одговор на прашањето – каква економска реалност можеме да очекуваме по завршувањето на здравствената криза?
Дури и најоптимистичките сценарија сега упатуваат на заклучокот дека светската економија нема да заздрави од шокот кој го предизвика корона вирусот пред 2025 година.
Искуствата од претходни економски кризи укажуваат дека два фактора може да се клучни за брзото заздравување – потрошувачите и извозот. Од една страна, рецесиите се многу често условени од однесувањето на потрошувачите – колку понеповолни стануваат економските услови, домаќинствата се воздржуваат од трошење, особено во однос на неесенцијалните добра. Во тој контекст, не е ни чудо што очекувањата се дека автомобилската индустрија во Европа во 2020 година ќе оствари пад од 20%-25%. Но од друга страна, токму потрошувачите може да бидат клучни за повторниот раст – бидејќи латентната побарувачка се зголемува, потрошувачите се подготвени да „навалат“ назад кога изгледите ќе се подобрат. Aнализите на „McKinsey“ покажуваат дека во последните три рецесии во Европа, потрошувачката на домаќинствата расте за 1%-2,5% во првата година од заздравувањето, што придонесува за раст на БДП од 2,2%-4,6%.
Од друга страна, заздравувањето ќе оди со многу поспоро темпо за секторите кои произведуваат интермедијарни или капитални добра. Овие сектори, кога настануваат економски неповолни околности сé уште работат по веќе добиени нарачки и се во состојба уште определено време да одржат високо ниво на производството – но затоа, истата одложена динамика се одразува и на закрепнувањето од рецесијата – многу подолго време е потребно за да се зголеми обемот на нарачки во деловните односни, за разлика од потрошувачката на домаќинствата.
Вториот клучен сегмент кој може да понуди излез од кризата е извозот – извозно ориентираните компании многу побрзо можат да излезат од криза наспроти оние кои се насочени единствено кон домашниот пазар. Во претходни рецесии, во првата година по рецесијата, извозот носел просечен раст од 2,1%-4,4% од БДП во првата година по завршувањето на рецесијата – една работа сепак ќе треба да се има предвид во тековните околности, односно фактот што пандемијата доби глобални размери ќе значи дека извозната побарувачка ќе започне да се зголемува дури откога пандемијата ќе успее да биде контролирана ширум светот.
Што ни покажаа податоците до сега? За 2020 година, обемот на светската трговија се предвидува да падне за 9,2%, а најголем е падот во вториот квартал од 2020 година.
Септемвриските прогнози на Европската централна банка предвидуваат БДП во еврозоната за 2020 година да се намали за 8%, по што се очекува негов раст од 5% во 2021 и 3,2% во 2022 година. Тоа значи дека заклучно со 2022 година, нивото на БДП се’ уште ќе биде за 3,5% пониско од крајот на преткризната 2019 година. За некои од водечките европски економии (вклучувајќи ги Франција, Шпанија и Италија, кои во првиот бран беа и најтешко погодени од кризата), предвидувањата за 2020 година се пад од 10%-12%.
Една работа треба да се има предвид – ако криза од вакви размери се случеше пред 10 години, последиците ќе беа од уште поголеми негативни размери со тогашниот степен на дигитализацијата.
Закрепнувањето ќе биде со различно темпо за различните индустрии – најтешко ќе поминат оние индустрии кои се засноваат на слободното движење на луѓе (вклучувајќи ги туризмот и авиоиндустријата), но некои индустрии, како што е ИТ-индустријата, ќе бележат раст дури и во текот на оваа кризна 2020 година. Различна ќе биде динамиката на закрепнувањето во различни земји – очекувањата се дека најтешко ќе поминат економиите што имаа брз раст и малите земји.
Очекувањата се динамиката на закрепнување да оди во две фази – првата ќе биде до крајот на 2021 година, па се очекува во оваа фаза закрепнувањето да оди побрзо од две причини – во добар дел од 2021 година сé уште ќе бидат активни некакви мерки за економска помош за компаниите од владите, но и ќе се печатат пари. Втората фаза се очекува да трае до 2025 година и во оваа фаза ќе има банкротирање на компании, голема невработеност и силен пад на инвестициите. При тоа, се потенцираат разликите во приодот за справување со кризата помеѓу САД и европските економии – додека европските економии предност даваат на невработеноста пред куповната моќ и профитабилноста, во САД предност ќе се дава на профитабилноста пред куповната моќ и невработеноста.


Што покажуваат податоците во однос на македонската економија? Вкупната вредност на извозот на стоки во првите осум месеци од 2020 година изнесува 3,46 милијарди евра со пад од 17,8% во однос на истиот период од претходната година. При тоа, извозот во август 2020 година изнесува 501,1 милион евра и споредено со истиот месец од 2019 година имаме скоро идентичен износ. Од друга страна, индексот на индустриското производство за август 2020 година во однос на август 2019 година е 90,9%, односно се бележи пад од 9,1%. Индексот на индустриското производство во периодот јануари − август 2020 година, споредено со периодот јануари − август 2019 година изнесува 86,8% и бележи намалување од 13,2%.
БДП во вториот квартал од 2020 година забележа пад од 12,7% споредено со истиот период од 2019 година. Тоа е најголем пад на БДП, по третиот квартал од 2001 година, кога БДП забележа ист пад од 12,7%. Најголем пад на новосоздадената вредност има кај преработувачката индустрија од 29,4%, кај трговијата на големо и мало, транспорт и складирање, објекти за сместување и сервисни дејности со храна од 23,4% и кај градежништвото од 0,5%. Од друга страна, неколку сектори остварија пораст: земјоделство, шумарство и рибарство од 4,5%; информации и комуникации од 0,9% и јавен сектор (образование, задолжително социјално осигурување, дејности на социјална и здравствена заштита) од 2,2%.
Што може да заклучиме од сите овие показатели? Неспорно е дека со последиците од оваа криза ќе се соочуваме најмалку до 2025 година. Во сите светски економии, вклучувајќи ја и македонската, мерките за помош на компаниите ќе завршат заклучно со вториот квартал од 2020 година – после тоа, секоја национална економија ќе треба самата за себе да се справува со состојбите и секоја компанија ќе биде оставена самата на себе. Затоа, неопходно е економскиот тим на Владата да има подготвено долгорочна стратегија како македонската економија да се справи со кризата – дополнително на тоа, потребно ќе биде државните власти да ослободат средства од компаниите (преку ревидирање на царинската политика и парафискалните давачки), кои треба да бидат насочени кон вработените и раст на платите, на кој начин ќе се гради човечкиот капитал, кој може да биде најсилната компаративна предност на секоја економија за побрзо закрепнување. Искуствата од претходни рецесии, но и состојбите на теренот покажуваат дека антикризните мерки треба да бидат насочувани кон домашните компании кои најмногу го полнат Буџетот, креираат работни места и преку извозните активности носат девизи – можеби наједноставниот прв чекор би бил најтранспарентно да се одберат најголемите 30 компании од овој профил и директно да се прашаат како најдобро да им се помогне во овој кризен период – тие ќе бидат моторот на македонската економија во наредниот период.