Во светот минатата година се продадени 34 милиони електрични велосипеди, а се очекува нивната продажба до 2023 година да надмине 40 милиони примероци и дека вкупната вредност на тој пазар ќе надмине 25 милијарди долари, објави магазинот „Бизнис и финансии“.

Голем дел од произведените велосипеди на струја заминуваат во Кина, додека остатокот во главно се распоредува на пазарите на Европа и САД.

Се наведува дека Америка, иако заостанува зад Азија и Европа, во последните две години бележи најголем раст во продажбата на електрични велосипеди, 25 отсто годишно, а во Европа предводат Холанѓаните, па Австријците и Данците, а како сериозни производители се етаблираат Португалците.

Глобалниот пазар на електрични велосипеди расте со голема брзина, а прогнозите велат дека таквиот тренд нема да запре, бидејќи жителите по градовите сè повеќе сакаат да поседуваат „зелени“, ефикасни но и економични превозни средства.

– Големата експанзија на користењето на е-велосипеди е овозможена благодарејќи на наглиот пад на цената на производството на литиум-јонските батерии пред нешто повеќе од 10 години. Дополнителен залет за растот на продажбата на електрични велосипеди се очекува и од управите на најголемите светски градови, кои веќе со години се соочуваат со проблемите поврзани со сообраќајниот метеж и загаденоста на воздухот – пишува „Бизнис и финансии“.

Кинезите веќе сега толку масовно ги употребуваат е-велосипедите, што нивното возење од пред две години беше забрането во Пекинг и неколку други градови.