Фото: Игор Бансколиев

Неопходно е и доекипирање или подобрување на бројот на вработени во инспекторатите за труд, кои, пак, со своите контроли треба да ги подобрат работните позиции на работниците, односно да влијаат на почитување на работничките права, бидејќи сиромаштијата се зголемува и со кршење на работничките права, истакнуваат упатените

Доследна примена на мерките за надминување на сиромаштијата, како и транспарентност во спроведувањето на социјалните мерки можат значително да влијаат врз нејзиното намалување. Ова го посочуваат домашните економски експерти, кои укажуваат дека последниве години стапката на сиромаштија се движи во иста линија, но дека нејзината веродостојност е доведена под знак прашалник, бидејќи стапката на сиромаштија се темели на податоци од попис спроведен во 2002 година.

Последниот извештај на Државниот завод за статистика врз основа на податоците од анкетата за приходите и условите за живеење ги пресмета индикаторите за сиромаштија за 2018 година и утврди дека стапката на сиромашни лица во Македонија изнесува 21,9 процент. Само за потсетување, во 2017-та стапката на сиромаштија беше 22,2 отсто, додека, пак, во 2016-та, исто како и лани, 21,9 процент од населението.

– Прво мора да истакнеме дека податоците се прават врз основа на попис спроведен во 2002 година и дека се работи врз анкетна база што е застарена. Тоа ја доведува во прашање веродостојноста на податоците, кои се застарени, па се земаат со доза на сомнеж. Од друга страна, има простор со мерките што се спроведуваат да се намали значително сиромаштијата во земјава, но отсуствува политичка волја – вели економистот Здравко Савевски.

Тој истакнува дека годинава Владата донела мерки со кои се зголемува социјалната помош, што треба да придонесе за намалување на сиромаштијата, но укажува дека недостига транспарентност, бидејќи не се објавуваат никакви податоци за тоа колку лица примаат помош и за каков тип семејства станува збор.

Фото: Игор Бансколиев

– Владата при зголемувањето на буџетот треба да ја земе сиромаштијата како проблем и да насочи дел од средствата за нејзино сузбивање. Има мерки што можат значително да влијаат врз нејзиното намалување, како што се зголемените социјални трансфери, и тие треба значително да го подобрат животниот стандард. По правило, социјалните политики се позитивни мерки што ја намалуваат ранливоста на овие семејства, но потребна е транспарентност. Можно е да е зголемена социјалната помош, но и да е намален бројот на примателите на социјална помош и затоа да не дава резултати во намалување на сиромаштијата – објаснува Савевски.

Анализата на заводот укажува дека стапката на сиромаштијата на домаќинствата составени од двајца возрасни, со две издржувани деца, во 2018 година изнесува 22 процента. Додека, пак, коефициентот на Џини, мерка за нееднаквоста во распределбата на приходите, изнесува 31, 9 отсто.
Според професорот Марјан Петрески, сиромаштијата во Македонија е релативно голема и потребни се мерки за намалување, а најсоодветен начин се повеќе и подобро платени работни места.

– Клучно влијание игра социјалната политика, за лица што се работоспособни, а кои привремено немаат или не можат да најдат работа, како и за неработоспособни лица. Во тој сегмент, нашиот систем на социјална заштита е неефикасен. Преку него, сиромаштијата се намалува само за три проценти поени, додека на пример ефектот за сиромаштијата од пензиите е околу 16 процентни поени. Оттука, системот на социјална заштита треба да претрпи промена, секако во смисла на зголемување на износот на социјалната помош, значајно подобро целење, но и со стриктно врзување и извршување одредба, според која работоспособно лице што нема да прифати работа веднаш би ја изгубило помошта – истакна Петрески.

Упатените истакнуваат и дека е неопходно доекипирање или подобрување на бројот на вработени во инспекторатите за труд, кои, пак, со своите контроли треба да ги подобрат работните позиции на работниците, односно да влијаат на почитување на работничките права.

– Сиромаштијата се зголемува и со кршење на работничките права, чести се извештаите што укажуваат дека на работниците им се исплаќа плата во плик, или, пак, дека им се наложува да им вратат дел од платата на работодавците, и тоа придонесува за зголемување на нивната сиромаштија. Иако работат, пак се сиромашни. Тука може да придонесат инспекторатите за труд, кои, пак, бидејќи се малку на број, не можат да постигнат секаде и не успеваат да ги заштитат доволно работниците. Од друга страна, во државава имаме голем број вработени административци што седат дома и земаат плата, а не работат никаде. Затоа сметам дека треба политичка волја и ревносно спроведување на поставените мерки – заклучува Савевски.

Деновиве, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во интервју за „Гласот на Америка“ нагласи дека над 120.000 граѓани ги чувствуваат придобивките од социјалната реформа, затоа што во семејните буџети имаат повеќе финансиски средства.

– Најголема реформа е што вложивме во децата, воведување детски и образовен додаток, за идната генерација од најпогодените семејства да не биде повеќе во сиромаштија, туку да може да излезе и да се бори на пазарот на труд. Првпат оние што се најранливи, сиромашните, приматели на социјална парична помош државата не ги гледа како случаи што треба да останат на маргините, туку како потенцијал на општеството што треба да биде вклучен во економскиот пораст и развој на државата – истакна Царовска.