Доколку надлежните не покажат слух за нивните синдикални барања, вработените во образованието, детската заштита, науката, културата, судството, јавните претпријатија… по изборите ќе штрајкуваат

Ако Владата преку ресорните министерства не ги исполни барањата од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), веднаш по изборите е предвидено да се случи генерален штрајк во јавниот сектор – детската заштита, образованието, науката, културата, судството, јавните претпријатија… Станува збор за барањата на синдикалците поврзани со зголемување на платите, како и со поголемата вклученост при изработувањето закони.

Јаким Неделков, првиот човек на Синдикатот за образование, наука и култура, вели дека в сабота ќе се одржи протест во Куманово во врска со истите барања.

– Уште на 17 јануари лани, на јавен протест пред Владата побаравме да се решат некои прашања. Бараме да се зголемат платите во јавниот сектор за онолку проценти колку што се зголемува и минималната плата на национално ниво. Тоа значи дека ако платата од 10 илјади денари во 2017 односно во 2018 година, денеска стигна до 13.200 денари (што е зголемување за 30 отсто), платите во јавниот сектор се зголемија за само пет отсто – објаснува Неделков.

Тој додава дека како членови на Економско-социјалниот совет, овие работи ги укажале, но оттаму не ја прифатиле нивната сугестија. Затоа КСС сериозно размислува да поднесе тужби против сите оние што ги кршат законите и колективните договори. Освен тоа, во КСС се противат и на идејата на Владата за реформи во јавниот сектор каде што се предвидува вишокот јавни службеници да оди во приватниот сектор.

– Нас во образованието многу би нѐ засегнало тоа. Претпоставуваме дека поради одлив на луѓе во странство, сѐ помалиот број ученици, малите паралелки, сосема природно е да се појави технолошки вишок по природен пат. Државата ќе им нуди да работат во приватен сектор, но тоа не им обезбедува сигурност – заклучува Неделков.

Во Куманово, в сабота, ќе има мирен собир на синдикалците на плоштадот, на кој ќе ги изнесат овие барања. Потоа е планирано да има уште еден масовен протестен собир во Скопје по претседателските избори, а ако и тогаш институциите немаат слух за нивните барања, ќе има генерален штрајк во јавниот сектор, односно нема да работат установите од дејноста образование, култура, детска заштита, наука, судство, јавни претпријатија…