Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, денеска имаше работен состанок со амбасадорот на Шпанија во Македонија, Емилијо Лорензо Сера.

На состанокот, како што велат од МЗШВ, амбасадорот дал цврсти гаранции дека врз основа на анализите од шпанските надлежни институции, не е утврдено присуство на вирусот африканска свинска чума во ниту една фарма во Шпанија.

Овие информации се совпаѓаат и со известувањето од Светската организација за здравствена заштита на животните, во коешто се посочува дека во Шпанија не е регистрирана појава на африканска свинска чума.

Затоа, врз основа на сите овие информации, Агенцијата за храна и ветеринарство не воведе и нема да воведе забрана за увоз на свинско месо од Шпанија.

Од Министерството велат дека во заедничка комуникација и соработка со владите на Шпанија, Бугарија и Европската комисија, ќе се продолжи со истрагата што се случувало со пратката од свинско месо, во којашто од страна на АХВ беше утврдено присусутво на вирусот африканска свинска чума.