Во организација на здружението „Тиквешки семејни винарии“, „Здружението на винари од Македонија“ и здружението на органски производители „Биовита“ од Кавадарци, а во рамките на бројните активности по повод прославувањето на празникот Свети Трифун, синоќа во Кавадарци се одржа предавање за лозарите на тема: „Примената на био-пестициди и органско производство и практики“.

– Органското производство значи да се врати животот во почвите, бидејќи во најголемиот дел во Македонија почвите се стерилни и изгубен е хумусот во нив поради долгорочното употребување на вештачко ѓубре. Во Тиквешијата има мали земјоделски парцели кај приватните производители кои го применуваат традиционалниот начин на производство, кој всушност е и органски начин на производство каде се користат бакарни препарати познати како син камен и сулфур. Овие парцели само треба да добијат сертификат за органски производители. Но за еден конвенционален начин да премине во органски, потребен е преоден период од три години за кој земјоделците имаат право да добиваат субвенции 70 отсто повисоки од субвенциите во коненционалното земјоделство. Меѓутоа, земјоделците многу малку имаат информации за тоа – вели Горан Колев претставник од сертификациско тело „Процерт“.

Бројот на органските производители во Тиквешијата се движи од 30 до 40, од кои 10 од нив се лозари со сертифицирано производство и неколку кои се во процес на сертификација. Присуството на винарите на ова предавање беше од корист, што веќе од наредната реколта тие со откуп на органско грозје ќе можат да произведат органско вино.

Најголем дел од предавањето беше посветен лозарите да се информираат за најновите регистрирани во нашата држава заштитни средства кои се дозволени во органското производство. Станува збор за растителни естракти и еден вид природни антибиотици за
растенијата кои го активираат одбрамбениот систем на растението само да се бори против болестите. Потоа кои средства може да се комбинираат, а кои не, и како да не се падне во замките на органски производи кои не се дозволени во органското производство.

Она што лозарите треба да го знаат и е од голема важност е што пристапот при користење на заштитни средства за органско производство треба да биде превентивен. Цената е иста или пониска во споредба со конвенционалниот начин на заштита што е придонес повеќе за самиот земјоделец, а бенефициите се многу големи, почнувајќи од безбедното производство, заштитата на животната средина и искористувањето на постоечките потенцијали. Од страна на претставниците на „Хемомак Пестициди“ лозарите и винарите имаа можност подетално да се информираат за овие природни заштитни средства, да видат видео-материјали како се произведувааат, и да слушнат многу корисни совети и искуства во нивното применување.

Оваа предавање воедно беше и можност искусните стручњаци од областа на лозарството да ги пренесат своите искуства кои сорти и на кои локации во Тиквешијата можат да имаат подобри приноси доколку се практикува органско производство.