Министерот за економија Крешник Бектеши и амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Дејвид Гир ги презентираа приоритетите на Македонија со претседавањето на Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) во 2021 година.

Бектеши во своето обраќање кажа дека слободното движење на стоките, слободната трговија со услугите, отстранување на пречките во трговијата со стоките и услугите, дополнителниот протокол 7 за решавање на споровите, како и институционалниот развој на ЦЕФТА структурите ќе бидат приоритет на македонското претседавање оваа година.

Додаде дека примената на ЦЕФТА договорот и активностите предвидени во Акцискиот план на Заедничкиот регионален пазар 2021-2024, ќе бидат основите за нашето претседавање.

– Клучниот столб на нашето претседавање е трговијата. Овој столб има за цел олеснување на слободното движење на стоки, капитал, услуги и луѓе меѓу земјите на ЦЕФТА со цел да се овозможи просперитет и благосостојба за сите граѓани. Активност која ја наметна пандемијата е продолжување на функционирање на Зелените коридори за полесно транзитирање на стоки низ регионот, како и за проширување на овие коридори кон соседните земји во ЕУ – потенцира Бектеши.

Евроамбасадорот Дејвид Гир кажа дека претседавањето со ЦЕФТА на Македонија и дава можност за значаен напредок во многу области.

– Економско-инвестицискиот план и ЦЕФТА делат заедничка цел: подобро да ги интегрираат економски, земјите од Западен Балкан, помеѓу себе и со ЕУ. Планот исто така става силен акцент на градењето на заеднички регионален пазар како начин за зголемување на конкурентноста на земјите од Западен Балкан – истакна евроамбасадорот Гир.