Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство работи на подготовка на нови огласи за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп, кои ќе бидат објавени по завршувањето на претседателските избори.

Како што инфирмираат од министерството, се работи за површини до и над 3 хектари, во повеќе региони во државата, а на јавните огласи земјоделците ќе може да конкурираат за добивање на земјиште за обработка на едногодишни и повеќегодишни земјоделски култури.

-На огласите е планирано да се објави вкупна површина од над 15 000 хектари во повеќе региони и тоа: Битола, Валандово, Виница, Велес, Делчево, Демир Хисар, Гевгелија, Крива Паланка, Кичево, Куманово, Кавадарци, Кочани, Крушево, Неготино, Свети Николе, Радовиш, Ресен, Тетово, Струга, Охрид, Прилеп, Штип и други региони- се наведува во соопштението.

Истовремено, Министерство за земјоделство ќе го објави и вториот јавен оглас за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над 3 хектари за вкупно земјоделско земјиште од над 1.500 хектари.

-Овој оглас ќе биде со намена реализација на проект за подигање на земјоделски насади и изградба на објекти за примарна обработка на земјоделски производи во повеќе региони и тоа: Штип, Гевгелија, Куманово, Неготино, Велес, Свети Николе, Гази Баба, Валандово, Кавадарци, Прилеп и други региони- објаснуваат од надлежното министерство.

Од таму додаваат дека за правните и физичките лица сопственици на оранжерии и помошни објекти во функција на оранжерија, кои не го искористиле правото да го откупат земјоделското земјиште во државна сопственост, се подготвува третиот јавен повик за купување на државно земјиште, на кој се дава можност сопствениците да го купат истото.