По веста дека Европската централна банка (ЕЦБ) ги истражува можностите за воведување дигитална евровалута, претставниците на Народната банка на Македонија посочуваат дека ги следат трендовите и дека нивните досегашни анализи и оцени не упатуваат кон итна потреба од издавање домашна дигитална валута. Од НБ посочуваат дека најголем дел од вкупниот износ на трансакции на места за плаќање во земјава се спроведува со готовина

КОЛКУ ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА ГИ ЗАБРЗА ПРОЦЕСИТЕ

Европската централна банка (ЕЦБ) ja започна „фазата на истражување“ во рамките на 24-месечниот проект за воведување дигитална евровалута, со што се опфатени можностите за дизајнот и за дистрибуцијата на новата валута, што според објаснувањето од банката, би требало да ги намали ризиците за економијата и за граѓаните, но и да ја заштити нивната приватност. По оваа најава, претставниците на Народната банка на Македонија посочуваат дека треба да се прави разлика меѓу дигитални валути издадени од централните банки и криптосредства издадени од приватни субјекти, чија вредност е поврзана со вредноста на одредена суверена валута (stablecoin).
– Кај т.н. суверена валута (stablecoin), независно што вредноста на криптосредството е „покриена“ со одредено портфолио валути, тие секогаш се издаваат од приватни субјекти, според нивни правила. Во последните години, некои централни банки имаат активни проекти за утврдување на потребата за издавање суверени валути во дигитален облик, кои се познати под називот дигитални валути на централните банки (англ. central bank digital currency – CBDC). Европската централна банка спроведе анкета и анализа за утврдување на потенцијалните предности, но и ризици од издавањето дигитално евро – објаснуваат од НБРСМ.
Од НБ посочуваат дека континуирано ги следат овие трендови и вршат анализи.
Експертите во земјава, пак, објаснуваат дека иако сѐ уште е во зародок идејата за создавање дигитално евро, сепак, идејата воопшто за дигитални пари не е нова и се тежнее кон воведување дигитални средства, односно кон замена на книжните и кованите пари со дигитални.
– Една ваква одлука за воведување дигитално евро, логично е да ги забрза трансакциите, да дејствува паралелно со другите криптовалути, но бидејќи зад нив стојат држави или заедници како во случајот Европската Унија, тие ќе бидат посигурни и нивната веродостојност ќе биде поголема. Ова секако не значи дека ќе бидат укинати или елиминирани другите криптовалути, но тешко е да се каже што точно ќе се случува бидејќи и идејата за издавање дигитално евро сѐ уште е во зародок, не е ниту финална, ниту се знаат детали. Сепак, идејата за издавање дигитални пари е стара и за неа се зборува и се заговара со години, а целта е секако да се исфрлат книжните пари од употреба. Сметам дека во поглед на трансферот на пари од нашите иселеници кон нивните семејства тука во земјава, воведувањето дигитално евро нема да направи големи промени. Тој што има пари и сака да префрли до семејството има начини како да го направи тоа и сега, ќе може и тогаш, не е битно дали парите се во материјална или нематеријална форма – објаснува поранешниот гувернер Петар Гошев.

Околу две третини од трансакциите во Македонија се спроведуваат со готовина

Во согласност со регулативата, единствено законско платежно средство во Македонија е македонскиот денар. Според пресметки на Народната банка, најголем дел од вкупниот износ на трансакции што се врши на места за плаќање, или околу две третини, се спроведува со готовина.
– Учеството на готовите пари во оптек, во БДП на домашната економија е релативно стабилно низ историјата и во просек изнесува 4-5 отсто од БДП. Кога станува збор за податоците од платежната статистика, тие укажуваат на одреден растечки тренд кај бројот на трансакции со платежни картички и зголемено користење на електронското банкарство, кои се со поизразена динамика од периодот на отпочнувањето на здравствената криза. Народната банка, следејќи ги трендовите, врши анализи и нашите оцени засега не упатуваат на согледувања за итна потреба за издавање дигитална валута од страна на Народната банка. Секако, следењето на трендовите и иновациите во областа на дигитализацијата претставува стратегиски приоритет, поради што постојано сме посветени на согледување на најновите остварувања во оваа сфера и на анализирање на нивната примена кај нас – потенцираат од НБ.

ЕЦБ ќе гарантира пристап до најбезбедната форма на пари?

Инаку, трендот на испитување на можноста за воведување сопствена дигитална валута од страна на централните банки, се поврзува со забрзаниот раст на дигитализацијата, а во одредени случаи е потреба што произлегува од намаленото користење на готовината за плаќање, како случајот со Шведска.
– Во таа насока е и заклучокот од анализата на Банката за меѓународни порамнувања, подготвена во соработка со централните банки од групата на седум најразвиени земји, според кој, издавањето дигитална валута од страна на централните банки е оправдано, доколку истото тоа е во прилог т.е. помага за остварувањето на законски дефинираните цели на централните банки – објаснуваат од НБ.
Во меѓувреме, претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, образложувајќи го проектот, рече „целта на ЕЦБ е да гарантира дека граѓаните и деловните субјекти во дигиталната ера ќе имаат пристап до најбезбедната форма на пари, парите од централната банка“.
Во рамките на двегодишниот период за тестирање, според неа, треба да се разгледаат потребите на потрошувачите, со цел да се создаде „достапна и ефективна форма на дигитални пари за централната банка“, со што ќе се избегнат ризици за граѓаните во еврозоната и ќе се заштити нивната приватност, како и дигиталното потенцијално влијание на еврото врз пазарот и економијата како целина.

Бахами – прва земја со дигитална валута

За одлуката на ЕЦБ да воведе дигитално евра, хрватскиот весник „Јутарњи лист“ пишува дека со оваа одлука еврозоната ќе им се приклучи на Бахамите, прва земја во светот што започна со функционална дигитална верзија на својата национална валута. Сепак, како што посочија и од ЕЦБ и од „Јутарњи лист“, воведувањето на дигиталното евро нема да се случи прекуноќ. Планот е да се дизајнираат и тестираат решенија во заднина на дигиталното евро за две години и да се воведе можност за плаќање во дигитални евра за три години. Првите дигитални евра би можеле да се видат во виртуелните паричници од 2024 година.
– Во тој период, Хрватска треба да стане членка на еврозоната, односно да го воведе еврото. Европската централна банка (ЕЦБ) го воведува дигиталното евро како одговор на обидите на големите компании („Фејсбук“) и други земји (на пр. Кина) да ги пуштат своите дигитални валути. Во заднината на сите причини за воведување на дигиталните валути, без оглед дали „Фејсбук“ или ЕУ сакаат да го сторат тоа, очигледниот раст на плаќањата преку интернет е придружен со пад на употребата на готовина или банкноти и монети – пишува „Јутарњи лист“.

Дали дигиталното евро ќе биде вистинска алтернатива на готовината

Тие исто така го поставуваат прашањето дали дигиталното евро ќе биде вистинска алтернатива на готовината и дали ЕЦБ воопшто сака такво нешто. Хрватскиот медиум истакнува дека некои од високите претставници на ЕЦБ најавуваат дека ќе го ограничат максималниот износ што поединец ќе може да го поседува на само 3.000 евра. Според нив, ЕЦБ сака да ја избегне можноста за масовни трансфери од деловните банки, па ако не се ограничи максимално дозволениот износ на евра што граѓаните можат да го поседуваат, лесно е да се замисли сценарио за масовен одлив на евра од комерцијалните банки, што може да го дестабилизира целиот банкарски и финансиски систем.
– Нејасно е зошто ЕЦБ смета дека нападот на дигитални повлекувања на еврото е поопасен од класичниот напад на испаничени штедачи на банка во која изгубиле доверба. Исто така е нејасно зошто тие сметаат дека дигиталните безбедносни решенија не можат да бидат имплементирани во паничен случај, исто како што проблематичните банки буквално ги затвораат вратите кога налетуваат штедачи на паника. Ако треба да чувате дигитални евра во финансиски куќи, тоа значи дека нема да можете да посегнувате по нив како за готовината што ја имате, да речеме, заштедена во вашиот дом – пишува „Јутарњи лист“.