Фото: Маја Јаневска-Илиева

Познавачите велат дека, со оглед на трендот во Европа и недостигот од материјали што се користат во градежништвото, се очекува во следниот период да растат цените на недвижностите и кај нас

Цените на недвижностите низ Европа пораснаа за пет отсто, но пандемијата не се смета за причина за растот на цените, соопшти европската статистичка агенција „Евростат“. Како што е наведено во нивниот најнов извештај, во првиот квартал од 2020 година, споредено со истиот период минатата година, цените на недвижностите пораснале за пет проценти во еврозоната, додека, пак, во Европската Унија за 5,5 отсто.
Спротивно на тенденциите во Унијата, во Македонија во првите три месеци од годината има благо намалување на цените, во согласност со податоците што ги објавува Агенцијата за катастар на Македонија. Исто така, од извештаите се забележува и пад на бројот на продадени недвижности во март годинава, откако почна ширењето на коронавирусот.
Познавачите велат дека со оглед на трендот во Европа и недостигот од материјали што се користат во градежништвото, се очекува во следниот период да растат цените на недвижностите.

– Проблемот со недостиг од материјали, како и поскапувањето на транспортот на материјалите, ќе влијае врз финалните цени во градежништвото, поточно со раст на цените на недвижностите. Странските доставувачи најавија дека ќе растат цените на материјалите, а има најави и за поскапување на транспортот. Дополнително се очекува и домашните материјали да поскапат, иако нив и ги немаме многу. Сето ова ќе направи да се зголемат цените и на недвижностите во следниот период, а дополнително може да пораснат и поради недостиг од квалификувана работна сила. На терен се чувствува недостиг од градежни квалификувани кадри, нема поврат на ваквите кадри од развиените земји, напротив и понатаму се бараат и, а тоа се одразува врз финалните цени. Нивните плати растат последниве години, а тоа мора да се вкалкулира во цената на крајниот продукт – објаснува Никола Велковски, градежник.

Тој додава дека поради пандемијата, купувањето станови не е приоритет и има мал застој во побарувачката на станови, но смета дека тоа нема да влијае врз цената на становите, туку цената на влезните материјали ќе има поголемо влијание и ќе се зголемат.
Од друга страна, „Евростат“ регистрира раст на цените на недвижностите, и тоа најголем годишен пораст од вториот квартал од 2007 година. Од „Евростат“ појаснуваат дека податоците не се засегнати од мерките за ограничување воведени поради ковид-19 што земјите-членки почнаа да ги воведуваат во овој период.
– Споредено со четвртиот квартал на 2019 година, цените на куќите се зголемија за 0,9 отсто во еврозоната и 1,2 процент во ЕУ во првиот квартал на 2020 година – се наведува во извештајот.

Меѓу земјите-членки за кои се достапни податоци, најголем годишен пораст на цените на куќите во првиот квартал од 2020 година е забележан во Луксембург (14 проценти), Словачка (13,1 проценти), Естонија (11,5 проценти), Полска (11,3 проценти) и Португалија (10,3 проценти), додека цените паднаа само во Унгарија (-1,2 процент).
Во Извештајот на регистарот на цени и закупнини за периодот од почетокот на година до крајот на март, кој го изработува Агенција за катастар на недвижности, се истакнува дека најголем обем на тргување се забележува во првиот месец од годината.
– Доколку се разгледаат продажбите по временски распоред, односно по месеци, може да се заклучи дека најголема активност на пазарот е забележана во јануари, односно 1.774 продажби, додека најмала активност на пазарот на продажби е регистрирана во март, и тоа 1.415 продажби. Во февруари се регистрирани 1.746 продажби на недвижности – пишува во извештајот.