Вредноста на биткоин се зголеми за 70 отсто во изминатите четири недели, надминувајќи ја границата од 50 илјади долари за првпат по три месеци, но наспроти воздигнувањето, се смета дека понатамошното поместување на рекордните вредности ќе се одвива бавно, како што покажуваат повеќе фактори и блокчејн метрички податоци, пишува „Јаху фајненс“.

Се зголемува бројот на биткоин-размени, што ја сигнализира обновената тендеција на инвеститорите да ја продаваат криптовалутата. Податоците на „Гласнод“ покажуваат дека крипторазмените во понеделникот достигнале дневен број од 16.606, откако неделното ниво на размени надминало 29 илјади. Се проценува дека зголемениот број на размени би можел да придонесе за, макар привремен, застој во зголемувањето на вредноста на биткоин.

Големите инвеститори, кои акумулираа биткоин по падот на цените во средината на мај, имаат способност да создаваат или урнуваат пазарни трендови, и тие почнаа да го празнат инвентарот. Забележано е дека оние што поседуваат од илјада од 10 илјади биткоини, неодамна се „ослободиле“ од вкупно 75 илјади биткоини.

Последното движење на цените исто така прикажува ослабнат интерес од купувачите. Биткоин забележа рекордна цена од 50.496 долари во понеделникот, но го заврши денот со вредност под 50 илјади долари, која потоа изнесуваше и околу 49.400 долари.

– Неможноста да се заврши денот со вредност од 50 илјади долари покажува ослабување на побарувачката – наведе компанијата „ОЦП Капитал“, додавајќи дека не очекува поголеми зголемувања на вредноста како што беше случај кон крајот на минатата година.

Одредени студии индицираат дека криптовалутата би можела да забележи консолидација пред достигнување на критично ниво на отпор од 51.110 долари. Тоа, пак, би можело да означи краткорочна пауза во зголемувањето на вредноста. Истовремено, се забележува дека долгорочниот замав се засилил, со што криптовалутата евентуално ќе ја надмине границата од 51.110 долари.

Една од главните причини што досега резултираше со намалување на цената на биткоинот беше и загриженоста за влијанието врз животната средина од трошењето на енергија за „ископување“ на криптовалутата. По овој тренд, кинеските регулатори го забранија ископувањето, што доведе до привремен прекин на дејноста кај голем дел од индустријата.

Во екот на зголемувањето на вредноста на биткоинот се зголемува и потребата за создавање инфраструктура за бизнисот, што претставува предизвик за компаниите и индивидуалците кои бараат начин за голема заработка. Тоа значи дека се бараат економични и издржливи извори на енергија, со што се склучуваат зделки и се создаваат капацитети за „биткоин-копање“, заклучува „Јаху фајненс“.