Владата ќе помогне во изградбата на брана на реката Отиња, најави премиерот Зоран Заев, кој викендов го посети Штип.

– Проектот што штипјани го чекаат повеќе од 35 години, а тоа е изградбата на насипната брана Отиња, станува реалност, Владата ќе помогне. Овој капитален објект конечно ќе биде реализиран и градот под Исарот, кој воодушевува со туристичките атракции и културно-историските споменици, ќе стане уште поатрактивна локација за домашните и странските туристи – рече Заев.

Тој најави дека Владата ќе помогне во реализирањето на овој стратегиски проект со седум и пол милиони евра.

Премиерот додаде дека проектот обезбедува еколошки гарантирано протекување на реката Отиња, односно заштита од поплави, како и снабдување со технолошка вода за наводнување на зеленилото во градот.