Владата ја усвои тригодишната стратегија за структурни реформи – Програма на економски реформи (ПЕР) 2021-2023. Овoj стратегиски документ, како што беше соопштено, e исклучително важен дел од пристапниот процес кон Европската Унија. Програмата, чија подготовка ја координира Министерството за финансии, ја содржи среднорочната макроекономска и фискална рамка, како и структурните реформи што треба да се спроведат, а кои се утврдени преку заеднички дијалог со Европската комисија.
Во Програмата за економски реформи 2021-2023 се опфатени 20 приоритетни мерки (реформски области), кои треба да се спроведат во наредните три години во насока на реформа на пазарот на енергија и транспорт, развој на земјоделскиот сектор, подобрување на деловното окружување и намалување на сивата економија, поддршка на истражувањето, развој и дигитална трансформација, регионално економско поврзување, образование и вештини, социјална заштита и инклузија, како и здравствена заштита.
Од аспект на подобрувањето на деловното окружување, се предвидува рационализирање на парафискалните давачки и формирање на единствен регистар за истите тие, понатаму формирање електронски пазар за набавки од мала вредност и поддршка на новоосновани мали и средни претпријатија во помалку развиените региони. К.П.