Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев и потпретседателката на Меѓународната финансиска корпорација задолжена за Европа, Јужна Америка и Карибите и Централна Азија, Џеорџина Бејкер, денеска во Владата потпишаа договор за соработка за ажурирање на техничка студија за изградба на ХЕЦ Чебрен.

Вицепремиерот Анѓушев нагласи дека проектот за изградба на ХЕЦ Чебрен е проект за кој се зборува подолг временски период и за кој во минатото имаше десетина тендери кои беа неуспешни.

– Денес, променети се повеќе работи. Прво, променет е енергетскиот пазар во регионот, денес тој е многу полиберален во однос на минатото и тој момент треба да го искористиме бидејќи Чебрен ќе биде електрана која ќе има можност за давање на секундарна регулација или таканаречена балансна енергија и таа има своја вредност во привлекување на инвеститори. Втора промена е што проектот ќе се изведува на принцип на јавно приватно партнерство, каде АД Електрани на Македонија, која денес е многу постабилна и поуспешна компанија, ќе биде јавниот партнер. Исто така, Република Македонија денес се препознава како стабилна земја за инвестирање, што се гледа и по нивото на странски директни инвестиции – потенцира Анѓушев.

Меѓународната финансиска корпорација ќе даде поддршка на Владата во проценката на можностите на ХЕЦ Чебрен во однос на регионалните енергетски системи. Целта на ИФЦ е да се помогне на Владата на Македонија да го забрза одржливиот економски раст и да создаде нови работни места, како и да го зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори, потенцираше потпретседателката на ИФЦ Џеорџина Бејкер.

– ИФЦ ќе изврши проценка на трансакциските структури во однос на легислативата на ЕУ, а ќе извршиме и проценка на можниот интерес на меѓународните инвеститори за овој проект. Владата на Република Македонија има амбициозни цели за зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори, а Меѓународната финансиска корпорација сака да биде дел од сето тоа – подвлече Бејкер.

Студијата за ХЕЦ Чебрен се очекува да биде ажурирана до последниот квартал на 2019 година, по што следува распишување на јавен тендер, кој би траел неколку месеци. Изборот на приватен партнер се очекува до крајот на првата половина на 2020 година, по што би започнала градбата на ХЕЦ Чебрен. Инсталираниот капацитет на хидро централата се очекува да биде од 300-350 MW, a во согласност со реалната динамика на изведување на работите за вакви проектите, се очекува првото производство од Чебрен да биде по 2025-2026 година.