Вкупно 181 работодавач не исплатил плати на своите вработени истакна на прес-конференција директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска. Од нив, 157 не исплатиле плата за еден месец, а 24 за двата месеца. Според Лукаревска, не се исплатени 753 месечни плати, а одобрената, но неисплатена финансиска помош се проценува на вкупно 12.071.908 денари или 2.738.715 денари за февруари и 9.333.193 денари за март.

Најголем дел од работодавачите кои не исплатиле плата се од Скопје, 71, потоа од Тетово 53 и 27 се од Битола, истакна Лукаревска.

Таа потенцира дека на работодавачите кои не дале плати, а земале финансиска помош веќе им се доставени опомени, а по истекот на рокот за опомена почнува постапката за присилна наплата на долгот.

Лукаревска кажа дека ќе продолжат контролите за работодавачите кои не го испочитувале законот.

Присилна наплата, рече Лукаревска е спроведена кај работодавачите кои не исплатиле плати за периодите април, мај и јуни, како и октовмри, ноември и декември.

Според неа доставени се опомени, а по истекувањето на рокот, следува присилна наплата како и глоба од минимум 500 до 10.000 евра во зависност од големината на правното лице, рече Лукаревска.

Таа најави дека до Генералниот секретаријат ќе биде испратена нова листа за јавна објава и известување и за понатамошни дејствија до ОЈО.

Највисокиот износ на финансиска поддршка е 21.776 денари месечно по работник.

Таа информираше дека од 3.853 даночни обврзници, на 2.286 даночни обврзници им се генерирани решенија за враќање на финансиска помош, додека 1.558 не треба да ја вратат финансиската помош.