Македонската компанија „Витаминка“ со своите производи се претстави на најголемиот саем во Азија , СИАЛ во Шнагај.

На трите саемски дена, исполнети со бројни случувања во насока на унапредување на продажбата и презентацијата, „Витаминка“ уште еднаш успеа да се претстави со квалитет, препознатливост и идентитет на Стоби флипс, Цевитана, Атлантис и останатите брендови. Витаминка, веќе неколку пати има направено испораки на производи во Кина.

– Втора година сме присутни на овој саем затоа што нуди премногу можности и во однос на самиот кинески пазар, којшто со бројки ги надминува сите останати, но исто така и во однос на саемските случувања, она што им се нуди на учесниците и концентрацијата на присутни учесници од другите сродни индустрии. Во досегашното наше искуство со СИАЛ, Шангај, истото два пати ни се потврдило и затоа многу сме посветени на ова саемско претставување и секогаш изложувањето ни е проследено со иновативна и креативна презентација, како би се издвоиле и истакнале – изјави Љупчо Велески, директор на сектор Извоз во Витаминка.

Витаминка е редовно застапена на саемските манифестации низ целиот свет, каде со воспоставување на директен контакт со дистрибутери, ланци на маркети, но исто така и со самите потрошувачи, отвора нови пазари и го лоцира клучниот чекор во развојната стратегија на компанијата.

СИАЛ се одржува во кинеската финансиска и економска престолнина, Шангај и претставува најголем саем во Азија и четвртата најголема изложба на иновации во прехранбената индустрија во светот. Бројките за оваа година ги надминуваат сите останати со 3.400 изложувачи, од приближно 70 земји и 110.000 професионалци од индустријата присутни на саемот.