Забележани се високи концентрации на никел и железо во почвата кај кавадаречко Возарци. Повисоки вредности се забележани и во зеленчукот. Некои зеленчуци примаат повеќе, а некои едноставно не ги апсорбираат, бидејќи тоа зависи од структурата на зеленчукот. Испитувана е почвата на две локации, во градот Кавадарци и во близината на фабриката-загадувач од тешката индустрија, во атарот на селото Возарци. Загаденост има кај границата на селата Возарци и Шивец, а не во градот. Ова беше соопштено на вчерашната едукација на фармерите и презентација на резултатите од анализата на почвата во Кавадарци.

– Во проектот се вклучени повеќе градови. Процесот на деконтаминација на почвата го започнавме пред повеќе од десетина години. Сега сакаме да ги вклучиме и другите општини што претставуваат еколошки жешки точки. Сакаме последиците од загадувањето со тешки метали да ги отстраниме и да ја прочистиме почвата. Во Велес проблемот е со кадмиумот и со оловото, на некои места над 24 пати над максимално дозволеното. Во околината на Кавадарци, во регионот на тешката индустрија, пробите од почвата покажуваат дека има загадување со железо и никел – вели Кире Кочов, координатор на проектот „Да ја заштитиме почвата од загадување“.

Тој додава дека со ова испитување еколошките друштва се стремат кон утврдување на тешките метали во почвата во Велес, Скопје, Тетово и во Кавадарци, но и препорачува како да се исчисти почвата од истите тие, односно како да се деконтаминира со помош на растенија (хиперакумулатори), кои имаат способност да ги aпсорбираат тешките метали од почвата.

– Овој проект трае три години. Ќе се види присуството и на други тешки метали и ќе се бара начин за справување таму каде што тоа присуство е зголемено. На таа почва каде што се земани проби, се планира да се направат опитно четири парцели на површина од половина декар. Ќе се проба со четири култури, хиперапсорбери, за да се види која е најдобра за деконтаминација. Тие опити ќе траат две години – објаснува Кочов. Е.Р.