Зголемувањето на дневните температури, кои според метеоролозите ќе надминат 40 степени Целзиусови, ги зголемуваат ризиците од труење со храна и претставуваат опасност за здравјето на животните. За да се спречи труење со храна, неопходно е да се направи правилен избор при нејзината набавка, да се обезбедат соодветен транспорт и услови за чување, посочуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
– Да не се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната). Разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна, како што се месото, млекото, јајцата и други производи, по пазарењето да не се чува долго време во автомобилите и други транспортни средства. Да не се купува разладена или замрзната лесно расиплива храна што се чува надвор од ладилник или замрзнувач – укажуваат од АХВ.

Од Агенцијата додаваат дека најдобро е граѓаните при избор на угостителски објекти да одбираат оператори со храна што водат сметка за хигиената и безбедноста и да имаат добра репутација, додека, пак, на објектите за брза храна им препорачуваат да се одбегнува користење додатоци што не стојат во ладилник, како што се мајонез, кечап, крем-салати, сосови, преливи и слично.

Од АХВ исто така посочуваат дека високите температури се стрес за животните.
– Високиот процент влага и недоволната вентилација во објектите може да биде причина за појава на топлотен удар кај животните, а сончаницата се појавува како последица на непосредно, директно изложување на животните на сонце. Исходот може да биде фатален и во двата случаја доколку не се дејствува навреме. Напорната работа или транспортот на животните при високи температури, дополнително придонесува за влошување на состојбата. Во вакви услови, животното да се смести во ладовина или во разладена просторија, каде што има доволно свеж воздух, да му се даде доволно количество свежа вода. Фармерите да внимаваат на густината на населеност во објектите. Животните да не се изложуваат директно на сонце, особено во најтоплите периоди од денот. Сопствениците на домашни миленици да не ги оставаат животните во затворен автомобил директно изложен на сонце – апелираат од АХВ.