Неколку земји во соседството се обидоа да го применат методот на засејување сребрен јодид во облаците, но на ограничени подрачја и на ниво на приватна иницијатива, без инволвирање на државните институции

Почнува нов метод на хемиско третирање на облаците

Државата планира да потроши шеесет милиони денари за систем за одбрана од град, попознат како авионско засејување на облаците за да ги штити земјоделските површини од оваа природна непогода, иако нема никакви потврдени докази за ефикасноста на овој метод, а не се познати ниту последиците по животната средина.
Неколку земји во соседството се обидоа да го применат методот на засејување сребрен јодид во облаците, но тоа се направи на ограничено подрачје и беше на ниво на приватна иницијатива, без инволвирање на државните институции.
Покрај тоа, овој метод беше критикувана и од тамошните еколошки активисти, кои сметаат дека хемикалијата засеана во облаците подоцна преку дождот ќе се врати во почвата и во подземните води.

Управата за хидрометеоролошки работи неодамна го потпиша договорот за јавниот оглас „Услуги за модификација на време со авионско засејување“, со што започнува и реализацијата на заштитата од град со овој метод и кај нас.
Земјоделците во минатото во повеќе наврати апелираа до државата да преземе мерки за заштита од непогоди, за да не им се уништува родот.
– Со години бараме да се преземе нешто за заштита од град. Стариот систем со ракети беше напуштен, така што бевме оставени на милост и немилост на небото. Последниве години интензитетот на невремињата станува сè поголем и уништувањата се големи. Градот за пет минути може да ти го уништи сето она што си го работел цела година – вели Ангел Василев, земјоделец.

Тој додава дека она што им било советувано е да го осигурат родот од непогоди преку осигурителните компании или да постават заштитни мрежи.
Според него, добро е што државата прави некакви обиди со овој систем.
– Ќе видиме како ќе функционира овој нов начин што го викаат засејување. Да не е само сеење ветер и магла – на шега додава Василев, притоа истакнувајќи дека државата мора да наоѓа начини да ги спречува природните непогоди кога има можност за тоа.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, најави дека со овој нов систем за заштита од град нема да се дозволи повторување на штетите предизвикани од оваа временска непогода.

– Со овој модерен систем на заштита од град ќе придонесеме да не се повторуваат штетите на земјоделското производство предизвикани од временски непогоди и ќе го заштитиме трудот на земјоделците. Овој начин на заштита е еден од најсовремените, неколкукратно поекономичен од старите ракетни системи, најмногу поради фактот што преку авионското засејување, растворот што дејствува превентивно на формирањето град се нанесува директно на критичната облачна маса – појаснува Димковски.
Директорот на Управата за хидрометеоролошки работи, Ивица Тодоровски, рече дека овој метод вклучува засејување на градонoсните облаци со реагенси, односно со сребрен јодид.

– Откако редарските центри на УХМР ќе ја детектираат нестабилната воздушна маса во која се создава градот, јавуваат до економскиот оператор и тој треба во најбрзо време и на најквалитетен начин да изврши засејување на воздушните маси со сребрен јодид – додаде Тодоровски.
Вредноста на проектот за авионско засејување на облаците е околу 60 милиони денари, кои се обезбедени преку Програмата за рурален развој.
Засејувањето на облакoт е засновано на концептот на корисна конкуренција, што значи дека зрната град што се формираат во рамките на засеаниот облачен волумен ќе бидат со помали димензии. Според најавите, планирано е засејувањето на облаците да се врши на целата територија на земјата, а главната цел е да се заштити земјоделското производство од временски непогоди, но истовремено и да се намали сумата што изминатите години се издвојува за исплата на обесштетувања.


Контроверзен метод што ретко се користи

Овој метод на засејување на облаците ретко се користи, а на ограничена територија се применува во Словенија, Австрија, Хрватска и во Грција.
Во овие земји проектот со засејување е на ниво на приватна иницијатива, па во Австрија овој метод се користеше само во околината на Грац, додека во Грција во околината на Солун.
Во Словенија реагираа и еколозите и тамошното Министерство за здравство, кои сметаат дека со засејување на облаците со сребрен јодид се загрозува животната средина.

– Од гледна точка на животната средина, воведувањето дополнителни хемикалии во облаците е проблематично, бидејќи тие можат да ги загадат почвата и подземните води – наведуваат од словенечката Агенција за животна средина.
Предупредувања за воведување сребрен јодид во животната средина, исто така, доаѓаат од Министерството за здравство на Словенија, од каде што сметаат дека станува збор за хемикалија на која ќе бидат изложени луѓето и другите живи организми.