Две вина на винарницата „Стоби“ добија високи поени од една од највлијателните вински критичарки Тара Томас, кои ќе бидат објавени во рецензија на магазинот „Вајнс енд спиритс“ (Wine & Spirits), едно од четирите водечки списанија за вино во САД.
– „Веритас 2015“ од линијата „приватни резерви“ (Private Reserve) од магазинот е оценето како исклучително вино, со високи 91 поен, а Томас го опишува виното како силно и црно, со совршена арома, киселост и танини. Ова вино е и едно од најнаградуваните вина на „Стоби“, добитник на шест златни медали на најпрестижните вински натпревари во светот – посочуваат од винарницата.
Од „Стоби“ додаваат дека виното „Вранец 2019“ од класик-линијата доби одлични 86 поени и препорака за најдобар производ (Best Buy). Томас го опишува овој „Вранец“ со арома на модра слива, кој во себе ја содржи благородноста на чоколадото, како едноставно и сочно вино и вели дека е богатство по одлична цена.
– Поените за успехот ќе бидат официјално објавени во јунското издание на списанието „Вајнс енд спиритс“, а ние сме горди што на светот можеме да му покажеме дека во земјава се произведуваат квалитетни вина и дека оваа гранка навистина постигнува интернационални успеси – потенцираат од „Стоби“.