Новите банкноти на венецуелската валута боливар од вчера се во оптек, а шефот на државата Николас Мадуро проценува дека новата мерка е „100 отсто успешна”.

– Банкарскиот систем се одесува како шампион – рече Мадуро во порака објавена синоќа на Фејсбук.

Пуштањето на банкнотите на кои се избришани пет нули е дел од економскиот план за опоравување на економијата на Венецуела, земја од која милиони луѓе бегаат поради кризата.

Многу аналитичари не сметаат дека владиниот план за економско заздравување е одржлив.

Улиците во главниот град на Венецуела беа празни вчера, повеќето продавници беа затворени, а сообраќајот успорен.

Мадуро смета дека економската криза и хиперинфлацијата во неговата земја се должи на „економската војна”, која ја води венецуелската десница и САД за да соборат од власт.