За една година над 7.000 прегледи се регистрирани на првата веб-платформа switch.mk што ја објави Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги поддржана од УСАИД, каде што потрошувачите може да ги споредат цените и условите за снабдување со електрична енергија од сите понудувачи.
– Switch.mk се покажа како одлична платформа, која во реално време и на брз начин им дава пристап на малите потрошувачи и домаќинствата да се информираат за цените на електричната енергија и да направат избор од кого ќе се снабдуваат. Тоа е на еден начин, метафорички да се изразам, реклама за најдобрата, односно во случајов најевтината понуда на производот во еден супермаркет. Во овој случај цената на електрична енергија е понудата, а маркетот се снабдувачите. Одлични се резултатите кај малите потрошувачи, кои постигнаа пониски цени и сметките им се помали во просек и до 40 отсто, што претставува заштеда при процесот на работа и поконкурентни цени на производите и услугите што ги нудат.

За домаќинствата, сѐ уште универзалниот снабдувач е најевтината опција, другите снабдувачи немаат интерес да им понудат поевтина електрична енергија, затоа што би работеле со загуба. Северна Македонија е првата држава во рамките на Енергетската заедница што воведува ваква функционална алатка, на што сме исклучително горди – изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
Преку понудите, снабдувачите не смеат да испорачуваат струја по цени или услови различни од понудата објавена на switch.mk.

Алатката е достапна на три јазици (македонски, албански и англиски), а покрај информациите за снабдување со струја, платформата нуди и други корисни информации за потрошувачите, за подобро разбирање на тоа како функционира пазарот на електрична енергија, кои се нивните права и обврски, како да се заштеди енергија и др.
Инаку, пазарот на електрична енергија е целосно либерализиран и секој потрошувач може да одбере од кој снабдувач ќе ја купува енергијата.