Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кризата недвосмислено покажа дека здравствените проблеми директно се рефлектираат во економијата и предизвикуваат економски проблеми и дека за бизнисмените е многу важно кога ќе пристигне вакцината, но и кога таа ќе овозможи работите да се вратат во нормала

Ефектите од ковид-кризата врз економиите на Западен Балкан стивнаа во третиот квартал на 2020 година. Светската банка проценува дека оваа година просечниот раст на економиите на Западен Балкан ќе биде 3,5 отсто. Натпросечен раст се предвидува за оние земји што имаа длабок пад во 2020 година, пред сѐ за туристичките земји како Црна Гора, со 6,1 отсто, и Албанија, со 5,1 отсто. Босна и Херцеговина е под просекот, со раст од 2,8 отсто, додека на ниво на просекот е Македонија, со 3,6 отсто.
Процената за раст на Западен Балкан од 3,5 проценти во оваа година се заснова на претпоставката дека пандемијата на ковид-19 ќе биде ставена под контрола, а довербата на потрошувачите и бизнисите ќе биде вратена.

Неизвесноста сѐ уште е присутна

Од Народната банка на Република Северна Македонија велат дека со почетокот на вакцинацијата за заштита од ковид-19 низ светот се зголеми оптимизмот кај економските субјекти во однос на очекувањата за глобалниот раст на среден рок.
– Сепак, и понатаму постои високата неизвесност, како и ризици поврзани со развојот на пандемијата и нејзиното времетраење. На среден рок предвидуваме постепено, но доумерено закрепнување на економската активност, со стапки на раст од 3,9 отсто за 2021 година, 3,6 отсто за 2022 и 4 отсто за 2023 година. Оваа стапка на раст значи дека економијата би се вратила на преткризното ниво во текот на 2022 година – појаснуваат од НБРСМ.
Надлежните од Народната банка додаваат дека во согласност со тековните оцени, последиците од кризата ќе се чувствуваат и во 2021 година, додека целосно закрепнување и надоместување на економските загуби се очекува во текот на 2022 година.
– Закрепнувањето на економската активност во следните две години се очекува да биде поддржано и од домашната побарувачка, во услови на стабилизирање на пазарот на трудот, континуитет на кредитните текови, зголемување на довербата, како и натамошна фискална поддршка на потрошувачката, а особено на инвестициите. Наедно, импулс врз растот се очекува и од извозниот сегмент, кој релативно брзо закрепнува, поддржан од брзото реактивирање на глобалните синџири на производство, а во следниот период и од закрепнувањето на странската побарувачка – објаснуваат од НБРСМ.

Неопходни се конкретни и добро насочени мерки

Од Сојузот на стопанските комори, пак, сметаат дека значителното забавување на економијата, која во голема мера е зависна од трговијата и инвестициите од земјите од Европска Унија, ќе продолжи во следниот период.
– Малите и средните претпријатија, претежно од производствениот, услужниот и туристичкиот сектор, сѐ уште се меѓу најпогодените, но еднакво се во лоша состојба и другите сектори, со некои исклучоци – велат оттаму.
Комората смета дека стапките на невработеност се зголемени, но дека и состојбите на пазарот на трудот се влошуваат, што дополнително ќе ги усложни состојбите, а без конкретни финансиски и добро насочени мерки, повторно следува тежок период и оваа година.
– Иако се најавува закрепнување на еврозоната, сепак и таму се воведуваат рестрикции што може да имаат негативно влијание на економијата. Со оглед на состојбите, евентуалното закрепнување во еврозоната нема значително да ги подобри нашите економски текови, бидејќи на национално ниво сѐ уште се соочуваме со рестрикции и предизвици од здравствената криза, кои не може со сигурност да се каже кога ќе се надминат – нагласуваат од ССК.
Тие додаваат дека годинава, доколку нема некои посериозни движења и системски решенија, проекциите за раст се околу 4 отсто, имајќи ја предвид споредбата со забележаниот стрмен пад и рецесијата во 2020 година.

– Закрепнувањето на економијата ќе зависи и од брзината и од обемот на вакцинацијата на населението и затоа е неопходно да се направат сите напори за побрзо пристигнување на вакцините во земјата – вели претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров.
Тој додава дека кризата недвосмислено покажа дека здравствените проблеми директно се рефлектираат во економијата и предизвикуваат економски проблеми и дека за бизнисмените е многу важно кога ќе пристигне вакцината, но и кога таа ќе овозможи работите да се вратат во нормала.
Бизнисмените велат дека ова сега е време на хибернација, но и време за подготовка за нови бизниси. Така што периодов треба и да се искористи за инвестиции потребни за бизнисот.
Инаку, од Европската комисија велат дека постојат претпазливи сигнали дека домашната економска активност се зголемува, кредитирањето на приватниот сектор и натаму е оптимистично, а закрепнувањето во голема мера ќе се потпре на зајакнувањето на домашната побарувачка и веројатно ќе трае до 2022 година.
Оттаму додаваат дека и покрај преземените владини мерки, домашната потрошувачка и натаму е придушена, но во 2021 и 2022 година оваа слика ќе се промени, зашто се очекува домашната побарувачка во голема мера да го поттикне растот на увозот.

Балканот како буре барут и на макроекономски план

Глобалната банка ИНГ, со финансиски институции во над 40 земји, пак, направи истражување за макроекономските предвидувања за Бугарија, Хрватска и за Србија, каде што велат дека иако со вториот бран на зарази на коронавирусот се урнаа надежите за брз економски скок, оваа година сепак се очекува да биде успешна.
– Точно е дека текот на вакцинацијата и натаму ќе има клучна улога во враќањето на нормалната економска активност, но веруваме дека ќе следува подобрување за целосната слика. Балканот традиционално се смета за буре барут, што може да му се припише и на макроекономскиот контекст, па, така, анализата на трите балкански држави како економски се справија со 2020 година покажува нивна неверојатна отпорност – истакнуваат економистите од ИНГ.
Во анализата се вели дека иако тоа се случи со помош на големите фискални дефицити и мерките во монетарната политика, кои само пред една година беа незамисливи на пазарите во развој, сепак на крајот токму реалниот економски одговор ја одрази одржливоста на таквите несекојдневни мерки.

– Некои од балканските земји имаат добри вести во оваа сфера. Србија го потврди својот статус на една од најдинамичните европски економии, со тоа што таа се намали само за околу 1,1 отсто лани и има добри шанси да забележи една од највисоките економски стапки на раст оваа година, со 5,5 отсто. Бугарија успеа да избегне техничка рецесија во 2020 година, со тоа што забележа намалување на економијата само во вториот квартал. Оттука, намалувањето на БДП треба да се движи меѓу 4,5 и 5,5 отсто. За 2021 година се прогнозира силно посакуваниот економски раст да се врати од три до четири отсто. Со прогнозирано намалување од 8,8 отсто на БДП за 2020 година, Хрватска има поинаква слика на Балканот, но над 20 отсто од нејзиниот БДП зависи од еден сектор, а тоа е туризмот, кој лани забележа драстичен пад. Оваа година се очекува растот да се врати на нешто повеќе од четири отсто – се вели во анализата на ИНГ.
Оттаму додаваат дека сето ова многу зависи од темпото на вакцинацијата, која во моментов различно се одвива во одделните земји, но и на ниво на Европската Унија.