Фото: Маја Јаневска-Илиева

Имунизацијата неопходен предуслов за заживување на економијата

Светската економија е вмрежена и многу поврзана, така што проблемите на еден крај на светот многу бргу се пренесуваат и на остатокот, укажуваат економистите. Тие нагласуваат дека за домашната економија многу е битно да се следи ултравнимателно она што се случува во Европа, особено во Германија, Англија, Италија и во другите држави од соседството, кои се наши најголеми трговски партнери

Ќе овозможи ли вакцинацијата забрзување на економскиот раст или неизвесноста, која и понатаму е надвисната, ќе ја кочи економијата? Сите надежи за подобрување на состојбите, како од здравствен така и од економски аспект, беа насочени кон вакцинацијата, со која се очекува имунизација на населението, а со тоа и враќање кон вообичаените текови. Сепак, и покрај откривањето на вакцините, нивната примена сѐ уште не може да се каже дека е масовна, ниту во Македонија ниту во светот. Одредени држави во светот успеаја побрзо да обезбедат вакцини за своите граѓани, а со тоа и побрзо да се вратат на навиките што ги имавме пред почетокот на пандемијата, сепак, недостиг од вакцини се чувствува насекаде.

Дека вакцината ќе биде клучна за растот на економијата и за подобрување на перформансите одамна укажаа и домашните и светските економисти, а деновиве директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, потенцираше дека со вакцинација на голем дел од светското население може да се очекува враќање на светот кон раст на економиите.
– Вакцинацијата на сите луѓе е предуслов за доведување на светот до одржливо високо ниво на раст насекаде, а тоа сè уште не е имплементирано – кажа Георгиева. Таа посочи дека политиките на вакцинација ќе бидат пред сите други економски политики оваа година, па дури и поважни од монетарната и фискалната политика, посочувајќи дека е потребно целиот свет да закрепне од кризата.

Во Македонија во последниов период имаме намалување на бројките на новозаразени граѓани, што создаде благо чуство на сигурност кај граѓаните и поголемо раздвижување. Сепак, имунизацијата што е во тек сѐ уште не може да се нарече масовна, поради што одредени рестриктивни мерки сѐ уште треба да се применуваат, за да не дојде до ново ширење на вирусот.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Економистите во Македонија укажуваат дека вакцинацијата е главниот предуслов за заживување на економијата, бидејќи намалувањето на бројките на заразени не го враќа чувството на стабилност.
– Се разбира дека моменталното намалување на бројот на новозаразени не може да биде гаранција дека кризата поминала и дека почнува рестартирање на економијата. Најпрвин, пандемијата остави длабоки последици и тие во некои сектори ќе се чувствуваат и во текот на 2022 година. Второ, никој денес не може да потврди дали ќе имаме нов бран, нови мутации и сето она што ја прави неизвесноста, која сѐ уште е присутна. Затоа масовната имунизација е најдобар лек за надминување на здравствените, но и на економските проблеми и трето, македонската економија е мала и многу зависна од европската економија, така што решавањето на проблемот само кај нас, не значи и конечно решение на кризата – посочува Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ).

Бизнисмените укажуваат дека намалувањето на бројот на новозаразени не може да биде гаранција дека кризата поминала и дека почнува рестартирање на економијата. Појаснуваат дека поради стравот од нови мутации, неизвесноста сѐ уште е присутна, поради што истакнуваат дека масовната имунизација е најдобар лек

Димитров објаснува дека светската економија е многу поврзана и проблемите на еден крај на светот многу бргу се пренесуваат и на остатокот. Наедно додава дека за нас, поточно за домашната економија, најважно е она што се случува во Европа, особено во Германија, Англија, Италија и во другите држави од соседството, кои се наши најголеми трговски партнери.
– Проблемот е што нашата економија, со постојната структура не е во можност да обезбеди повисоки плати и да го подигне стандардот. Промената на структурата бара инвестиции во опрема и знаење, и тоа на еден подолг период. Истовремено треба да работиме на департизација на општеството, владеење на правото, почитување на законите и другите области во животот, за што не ни се потребни пари, туку политичка волја, меѓусебно разбирање и консензус за најважните прашања за иднината на државата – посочува Димитров.

Министерот за финансии Фатмир Бесими во своето обраќање исто така посочи дека вакцинацијата ќе биде клучна за враќање на довербата на инвеститорите.
– Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата. Со спроведувањето на процесот на имунизација и етапното подобрување на епидемиолошката слика, довербата кај инвеститорите и потрошувачите ќе расте, што, пак, ќе резултира со закрепнување на инвестициите и приватната потрошувачка. Со закрепнувањето на економиите и нормализирањето на синџирите на доставување ќе расте трговската размена, како и искористеноста на производствените капацитети. Со олабавување и суспендирање на превентивните здравствени мерки ќе се подобри искористеноста на услужните капацитети. Сето тоа ќе придонесе за раздвижување на економската активност и раст на економијата – посочи Бесими.

Директорката на ММФ, Георгиева, во своето обраќање посочи дека е потребно најмалку 40 отсто од светската популација да бидат вакцинирани до крајот на годината, додека до јуни следната година 60 отсто од населението, за враќање на светската економија на старите патеки.

Во април, ММФ оцени дека крајот на кризата станува сѐ повидлив и ги зголеми своите економски проекции на глобалниот раст, осврнувајќи се на забрзаната динамика на вакцинациите и тековните парични и фискални стимулации на владите. За оваа година проектираа раст на глобалниот БДП од 6 проценти, а за следната 4,4 проценти. Монетарците нагласуваат дека овие прогнози во голема мера зависат од тоа како ќе се одвиваат кампањите за вакцинација, вклучувајќи и во земјите со ниски примања.