Фото: Дарко Андоновски

Ребалансот на буџетот ќе обезбеди поддршка за 51 процент од пријавените а неплатени обврски на општините. Три милијарди денари се проектирани за училиштата, градинките, културните домови и другите институции што се во надлежност на локалните самоуправи, соопшти денеска министерот за финансии Драган Тевдовски.

Како што истакна Тевдовски на прес-конференција во Владата, на која учествуваа и министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и градоначалниците на општините Битола, Тетово и Гевгелија, Наташа Петровска, Теута Арифи и Сашо Поцков, освен што со ребалансот на буџетот ќе им се помогне на општините да ја подобрат финансиската состојба, предвидено е да се воспостави механизам за проблемот со задолжувањето веќе да не се повторува, ќе се внесе ликвидност кај фирмите и ќе се направи простор за нови проекти. Општините, напомена Тевдовски, ќе може да ги проектираат сопствените приходи на основниот буџет со најмногу 10 отсто пораст од просечната реализација во последните три години.

– Долговите од 5,1 милијарди денари за една година се намалени на 1,5 милијарда и сега институциите може нормално да функционираат. Главна причина за неплатените обврски досега беше нереалното проектирање на буџетите на општините. Се креирале огромни буџети и се преземале обврски што потоа не можеле да се платат. Сега воведуваме механизам со кој ќе се спречи ова. Ќе ставиме ред за проблемот да се реши, но и за да се превенира во иднина – напомена министерот.

Ребалансот на буџетот помина на владина седница и денеска влегува во комисиска расправа во Собранието.