Фото: Дарко Андоновски

Вкупните приходи во државната каса во 2019 година се проектирани на 210,8 милијарди денари, а вкупните расходи на 228,5 милијарди денари, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на јавната презентација на предлог-буџетот за следната година пред коморите, синдикатите, невладиниот сектор и медиумите.

Буџетот за 2019 година е проектиран на раст од 3,2 отсто на БДП. Притоа, Министерството за финансии оди со проекции што се во линија со есенските проекции на релевантните меѓународни институции, нагласи министерот за финансии. Се очекува економскиот раст да биде придвижен од солидната лична потрошувачка, континуирано високиот извоз и растот на инвестициите. Стапката на инфлација треба да биде ниска и стабилна во 2019 година, и е проектирана на 2 отсто. Во 2019 година се очекува раст на номиналната нето-плата за 4,5 отсто, а стапката на невработеност да се намали на околу 20 отсто. Со буџетот за 2019 година се намалува буџетскиот дефицит, односно јазот помеѓу буџетските приходи и расходи. Буџетскиот дефицит за следната година е проектиран на 2,5 отсто од БДП или 0,2 процентни поени или половина милијарда денари помалку во однос на годинава.

Со постепено намалување на буџетскиот дефицит, се води дисциплинирана буџетска политика што, пак, ќе придонесе за стабилизација на државниот и на јавниот долг на среден рок, објасни Тевдовски.

– Клучна појдовна точка за буџетот за 2019 година е продолжувањето на дисциплинираната фискална политика. Правецот во кој одиме е умерена фискална консолидација или намалување на буџетскиот дефицит на 2,5 отсто од проектираниот БДП за 2019 од 2,7 отсто во 2018 година. Кај буџетскиот дефицит има намалување и во номиналниот износ во однос на 2018 година, односно половина милијарда денари помалку – рече Тевдовски.

Според него, ова е во согласност со фискалната стратегија, како и со препораките на сите меѓународни организации. Умереното намалување на дефицитот влијае директно на помали потреби за задолжување, а со тоа и на среднорочно стабилизирање на државниот и на јавниот долг.
Е.Р.