Фото: Игор Бансколиев

Годишното издание на британскиот неделник „Економист“, насловено „Светот во 2021-та“, ги антиципира предизвиците со кои ќе се соочи светот во наредната година. Ударните анализи во ова магазинско издание се посветени на глобалните теми поврзани со борбите за вакцината против ковид-19, мешаното економско закрепнување, крпењето на новиот светски хаос, тензиите меѓу Кина и западниот свет, забрзувањето на примената на технолошкото однесување, ограничувањата во слободниот свет поради пандемијата… Сепак, во делот посветен за Балканот, „Економист“ констатира дека во Македонија во претстојната 2021 година, по 19 години конечно ќе биде спроведен пописот, статистичка операција многу потребна за економските предвидувања. Во анализата „Економист“ предвидува дека резултатите од пописот ќе покажат дека бројноста на населението во Македонија е околу 1,5 милион жители. Иако во последните статистики, од пред речиси 20 години, фигурира податокот од околу два милиони жители во Македонија, аналитичарите од британскиот магазин ценат дека нивните предвидени бројки, кога би се потврдиле на пописот, нема да ги изненадат македонските власти.

– Од падот на комунизмот и крајот на крвавата југословенска војна, луѓето на Балканскиот Полуостров имаат помалку деца, а многумина се отселија. Одливот на мозоци беше потпомогнат од делови на Европа гладни за работници, како што е Германија, со што им се олеснува на граѓаните од земјите што не се членки на ЕУ да добијат работни дозволи. Фактот што никој не знае точно колку луѓе заминаа, а колку останаа им создава проблем на планерите во балканските земји.
С Македонија не направила попис од 2002 година. Оттогаш, Заводот за статистика послушно прави проекти засновани на некогашната состојба во земјата. Статистиките проценуваат дека во С Македонија моментално живеат 2,08 милиони луѓе, но реалната бројка би можела да биде околу 1,5 милион. Во некои земји, како што е Бугарија, бројките се ажурни, но без оглед дали бројките се доверливи или не, трендовите и понатаму се исти. Комбинацијата на емиграција и нискиот наталитет значи дека овие општества стареат, со непостоењето на миграција кон овие земји, популацијата се намалува – пишува „Економист“ во својата годишна анализа поврзана со пописите на населението што е предвидено да се спроведуваат во земјите од регионот во 2021 година.

Годишното издание на „Економист“, кое вообичаено излегува во пресрет на Нова година, претставува своевиден водич за политичките и економските трендови во претстојната година. Во ова годишно издание им е посветено внимание на очекувањата за претседателската инаугурација во САД, новиот лидер на Германија… Се разбира и реакцијата на светот, од сферата на бизнисот, политиката, економијата и медицината, поврзано со предизвиците на пандемијата на ковид-19.
Ова специјално годишно издание на „Економист“ излегува по третпат на македонски јазик, под ексклузивна лиценца на компанијата „Колор медиа плус“.
„Светот во 2021-та“ претставува своевиден поглед кон иднината на еминентни и реномирани новинари, аналитичари, државници, политичари, а во рамките на македонската секција на магазинот може да се прочитаат интервјуа на премиерот, на амбасадори и на бизнисмени.