Министерот за економија Крешник Бектеши оствари видео-состанок со амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј.

Како што информираат од министерството, тема на состанокот биле мерките кои ги презема Владата за поддршка на компаниите за справување со последиците од коронавирусот, но и плановите на Владата за повторно враќање на економијата во нормала.

Бектеши ја информирал британската амбасадорка за двата пакета на економски мерки кои што ги донесе Владата за поддршка на најпогодените сектори.

– Постојано сме во комуникација со бизнис-заедницата и секојдневно работиме на мерки за олеснување на работењето на компаниите. За нас најважно е да го зачуваме секое работно место. Во директна комуникација сме и со домашните, но и со странските компании во нашата земја кои што се најголеми извозници, но имаат и најголемо учество во македонскиот БДП. Целта е да им излеземе во пресрет за полесно да се справат со последиците од оваа криза – истакнал министерот и најавил дека во наредниот период ќе се одржат низа состаноци со странските инвеститори на кои ќе им бидат претставени владините мерки, но ќе се земат предвид и тешкотиите со кои тие се соочуваат.

Амбасадорката Галовеј посочила дека веќе се разгледуваат можности за пренасочување и зголемување на поддршката која што ја дава Обединетото Кралство преку различни фондови за Северна Македонија пред се за зголемување на деловната активност.

Воедно нагласила и дека заедно со економскиот тим во Амбасадата и во Обединетото Кралство, но и со британските компании кои што работат во Северна Македонија ќе ги разгледаат сите можности кои им стојат на располагање бидејќи оваа криза ќе биде предизвик за сите.