ПОРАДИ ПРЕКРШУВАЊЕ НА ПРАВИЛАТА ЗА КОНКУРЕНЦИЈА

Фактот дека повеќето од најголемите играчи беа исклучени од емисијата на обврзници не го попречи издавањето на новиот долг на Европската Унија при што, во најголемата емисија досега, побарувачката ја надмина бараната сума седум пати

Европската Унија исклучи десет големи банки од продажба на нејзините нови обврзници, со кои се финансира фондот за обнова тежок 800 милијарди евра. Причината за исклучување се претходни случаи на манипулации на пазарот, т.е. повреда на прописите за конкуренција. Списокот на исклучени банки вклучува седум од 10-те најголеми финансиски куќи, кои претходно биле вклучени во емисии на државни и наднационални долгови. Сепак, фактот дека повеќето од најголемите играчи беа исклучени од емисијата на обврзници не го попречи издавањето на новиот долг на ЕУ. Во досега најголемата емисија, Брисел успеа да ги продаде 10-годишните обврзници, а побарувачката ја надмина бараната сума седум пати.

ЕУ сака целосно чисти партнери

Портпарол на Европската комисија рече дека банките што ги прекршиле правилата за конкуренција на ЕУ „нема да бидат поканети на тендери“ затоа што сакаат да бидат сигурни дека „банките што воспоставуваат деловни активности со ЕУ се целосно чисти партнери“. Банките што се исклучени од зделката со обврзници се очекува да покажат дека презеле мерки за да спречат идно кршење на правилата за конкуренција.
– Овие банки мораат да демонстрираат и да докажат дека ги презеле сите неопходни мерки за санација што ги побара Комисијата при одлучувањето за овие случаи. Сега очекуваме доставување на потребните информации и, се разбира, мора да ги анализираме и процениме. Не можам да предвидам колку време ќе трае – им рече на новинарите еврокомесарот за буџет, Јоханес Хан.

Добро е да им се укаже на банките дека не можат да прават што сакаат

Домашните експерти укажуваат дека ваквите чекори се дел од моделите со кои ЕУ им испраќа сигнали на банките што не се придржувале до правилата на фер игра и не ги почитувале одредбите дека ќе бидат казнети.
– Со одлуката да бидат исклучени од тргувањето со обврзници, ЕУ им испраќа порака дека не се однесуваат во согласност со корпоративните правила. Ова е знак дека банките што не ги почитуваат правилата на работење нема да бидат поддржани, еден вид казна за тоа што не работеле во согласност со воспоставените правила. Ова е добра одлука, бидејќи ќе им укаже на банките, особено на големите финансиски институции, дека не можат да прават што сакаат. Финансиската криза што се случи беше резултат токму на несоодветното работење на дел од светски најмоќните банки, кои издавале разни финансиски инструменти без соодветно покритие. Последиците од хиперпродукцијата на разни хартии од врeдност што немале покритие сите ги знаеме, а токму поради тоа се менуваа и прописите. Сега ЕУ им укажува дека мора да се почитуваат правилата на здраво банкарско работење – вели поранешниот гувернер Петар Гошев.

Гошев не навлегуваше во предвидувања дали и колку би можела ваквата одлука да им наштети на банките што се опфатени со оваа одлука на ЕУ, појаснувајќи дека тоа ќе зависи и од довербата што тие ја уживаат кај другите клиенти.
– Сигурно дека одлуката не е пријатна за тие банки, но тоа се големи банки, кои ќе го издржат ударот. Не може една одлука да направи драстична промена. Поради забраната да учествуваат во тргување сигурно ќе изгубат дел од заработката, но колку тоа ќе влијае на нивните биланси зависи од многу услови, а меѓу најважните е дали ќе ја изгубат довербата од другите клиенти. Сепак, големи промени одеднаш не би очекувал – додава Гошев.

Исклучените банки се на списокот на 39-те „примарни дилери“

Од она што го објави ЕУ, меѓу исклучените банки се и големи имиња во глобалната финансиска индустрија како што се ЈП Морган (JPMorgan), Ситигруп (Citigroup), Бенк оф Америка (Bank of America), Барклејс (Barclays), Натиксис (Natixis), Номура (Nomura), НатВест (NatWest), Дојче банк (Deutsche Bank), Кредит Агрикол (Credit Agricole) и УниКредит (UniCredit). Последните пет споменати не смеат да имаат никаква врска со новите обврзници на ЕУ поради пресудата што беше донесена минатиот месец, според која, тие формирале картел за време на должничката криза во еврозоната пред повеќе од десет години.

Ситигруп, ЈП Морган и Барклејс беа исклучени заедно со НатВест бидејќи пред две години беше откриено дека манипулирале со девизните пазари помеѓу 2007 и 2013 година, како и други финансиски скандали. Дојче банк и Кредит Агрикол не смеат да учествуваат во емисијата на нови обврзници на ЕУ, бидејќи формирале картел за трговија со обврзници.

Десетте исклучени банки од зделката со обврзници на ЕУ се на списокот на 39-те т.н. примарни дилери, т.е. банки одговорни за понудите на обврзници за време на редовните аукции на емисии на долгови што ЕУ ќе ги започне во септември.

Банките велат дека се исклучени поради прашања што одамна биле решени

Од исклучените банки нема повратен официјален коментар за одлуката, но индиректно било посочено дека рамнотежата на издавачите и примарните дилери се крши поради прашања што биле решени одамна. Фондот за наплата ќе го претвори Брисел во еден од најголемите издавачи на долгови во Европа. Изданието од 20 милијарди евра оваа недела беше затворено со учество на БНП Парибас, ДЗ банка, ХСБЦ, Интеса Санпаоло, Морган Стенли, Данске банк и Сантандер.

Сепак, ЕУ наедно понуди и надеж за разврска на „разидувањето“ со банките што ги исклучи, под претпоставка дека ќе ги задоволат нејзините барања.
– Во интерес на ЕУ е да ги вклучи сите клучни играчи и банки што се квалификуваа себеси за примарна дилерска мрежа. Но, се разбира, правните аспекти треба да се почитуваат – потенцираше еврокомесарот Хан.